13.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ѓорѓиевски: Заев и Анѓушев да одговорат за колку е зголемен нивниот имот

Зоран Заев и Кочо Анѓушев треба да одговорат за колку е зголемен нивниот имот или имотот на нивните најблиски откако се на функција и зошто истото не е внесено во нивните анкетни листови, побара денеска Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Податоците во имотниот лист на Зоран Заев пријавен во ДКСК се непроменети откако тој стапна на функцијата премиер. Целата јавност добро знае дека од тогаш фамилијата на Заев влезе во два големи милионски бизниси. За само 20.000 евра, или цена колку што чини една гарсониера, Заеви го купија струмичкиот конфекциски гигант ‘Герас Цунев’, а малку подоцна влегоа и во бизнисот со марихуана. Дополнително јавноста гледаше како Заев вози мотор од 30 илјади евра, кој исто така го нема во неговиот анкетен лист“, нагласи Ѓорѓиевски.

Осврнувајќи се на вицепремиерот Кочо Анѓушев, Ѓорѓиевски обвини дека тој ја продал својата фирма за трговија со струја ЕДС на грчкото електростопанство, но продажбата не е внесена во анкетниот лист.

„Зошто Анѓушев не ги внел 4.8 милиони евра што ги добил од продажбата на својата фирма на својот анкетен лист? Дали и што кријат Заев и Анѓушев? Луѓето кои ветуваа транспарентност од опозиција сега се кријат од јавноста и напаѓаат новинари и професионалци кои си ја вршат својата работа само затоа што решиле отворено да зборуваат за работи кои не му одговараат на овој картел“, порача Ѓорѓиевски.

Тој во рамки на денешната прес-конференција додаде дека со доаѓање на власт на СДСМ започнале да се нижат и државни тендери во милионски износи, со што се врши злоупотреба на институциите.

Спонзорирано: