19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Хеликоптери го надлетуваат Скопје, врие од полицијата – Еве што всушност се случува

Поради гостувањето на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони на состанокот чиј домаќин е македонскиот претседател Иванов, денеска во Скопје е одреден прв степен на безбедност, и тоа и од копно и од воздух. Хеликоптери го надлетуваат главниот град, а има и посебен сообраќаен режим на неколку булевари.

Претседателот на Европскиот совет, седум претседатели и еден премиер ќе бидат гости на претседателот Иванов. На состанокот ќе учествуваат претседателите на Хрватска – Колинда Грабар-Ќитаровиќ, на Словенија – Борут Пахор, на Србија – Александар Вучиќ, на Црна Гора – Филип Вујановиќ, на Албанија – Илир Мета, на Косово – Хашим Тачи, како и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ.

Како специјални гости на состанокот во Скопје ќе допатуваат и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, и премиерот на Република Бугарија, Бојко Борисов.

Состанокот на лидерите на земјите во Процесот Брдо-Бриони во Скопје ќе го проследат 156 акредитирани претставници на медиумите, 116 од Македонија и 40 од странство. По завршувањето на официјалниот дел, претседателот Иванов за своите гости ќе приреди вечера во скопски хотел. На менито е предвидена традиционална македонска храна и домашни вина, а високите гости ќе ги забавува македонскиот бенд „Баклава“, кој ќе изведе свои авторски и традиционални македонски песни.

Процесот Брдо-Бриони првпат се одржа во 2013 година по иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска. Иницијативата го доби називот Процес Брдо-Бриони поради споделената идеја на претседателите на двете земји за негова организација; Брдо, од Брдо при Крањ, каде што и се одржа првиот состанок на лидерите од регионот, и Бриони во чест на коорганизаторот и партнер во иницирањето на иницијативата, Република Хрватска.

Главната цел на Процесот Брдо-Бриони е европска интеграција на земјите од регионот и стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања.

Спонзорирано: