17.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев: Автопатот Демир Капија-Смоквица е најмоќен симбол за поврзаноста на Македонија со ЕУ

Новиот автопат од Демир Капија до Смоквица во должина од 28,2 километри обезбедува значително скратување на времето на патување, ја зголемува безбедноста за сите учесници во сообраќајот и создава услови за динамизирање на транспортот и трговијата, како и натамошен развој на целокупната економија, беше истакнато денеска за време на неговото свечено отворање.

На отворањето премиерот Заев истакна дека автопатот, во чија изградба се вложени 227 милиони евра, носи многубројни придобовки за земјата, нејзините граѓани и за деловните субјекти.

„Поврзувањето е основен чекор за изедначување на нашите регионални стандарди со оние на Европската Унија кон која нè водат сите патишта. Овој автопат е еден од нив и во буквална смисла. Овој автопат поврзува и води кон ЕУ! Оваа делница од автопатот ‘Пријателство’ во себе ја има вградено и приказната, искрената приказна, за поддршката и соработката помеѓу Република Македонија и Европската Унија. Една од најјасните заложби на оваа Влада е издигнувањето на Македонија како конструктивна точка која поврзува и сплотува во заедништво, па оттаму овој автопат е можеби една од најјаките симболики за тоа. Нашата темелна вредност и определба да ги издигнеме капацитетите на нашата земја на ниво достојно за да биде членка на ЕУ е силна мотивација за усогласување на нашата национална патна инфраструктурна стратегија со онаа на Европската Унија“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев, заблагодарувајќи се на поддршката што Европската Унија ја обезбедува во развојот на инфраструктурата на земјата.

На настанот беше беше означен и почетокот на „ЕУ за тебе“, кампањата за инвестициите на Европската Унија во транспортната инфраструктура.

„Со отворањето на овие 28,2 километри од автопатот Демир Капија-Смоквица го додадовме делот од паневропскиот Коридор 10 кој недостигаше во земјата. Овој автопат ќе го олесни движењето, ќе го поттикне економскиот развој и ќе обезбеди одржливо и побезбедно патување“, рече во своето обраќање генералниот директор за соседски политики и преговори за проширување во Европската комисија, Кристијан Даниелсон.

Во изминатите неколку години Европската Унија вложи речиси 325 милиони евра во транспортната инфраструктура на земјата, информираат од владината прес-служба. Како што се додадава, со нив биле изградени и обновени над 100 километри автопатска мрежа, 64 километри патишта во повеќе од 40 општини и 60 населени места, 16 километри железничка пруга и 11 железнички станици. Се наведува дека како и другите инфраструктурни проекти на ЕУ, така и новиот автопат е изграден според најсовремените градежни, технички и безбедносни стандарди. По должината на трасата на автопатот изведени се над 8 милиони кубни метри високи насипи и длабоки ископи во теренот, како и 6 моста, речиси 100 канали, 2 сообраќајни клучки и 2 двојни тунела со должина од над 1,2 километар. Покрај современото енергетски ефикасно осветление, во тунелите се инсталирани и систем за вентилација, за детекција и гаснење пожар, за резервно напојување со електрична енергија, како и SCADA-систем за мониторинг и управување со сообраќајот.

„Од денеска добиваме нова, модерна и безбедна автопатска делница, прва од овој тип на Балканот. Автопатот ги содржи сите потребни карактеристики за сообраќајна безбедност, што ни дава сигурност дека сообраќајот по оваа делница ќе се одвива побезбедно за сите учесници. Тој е проектиран и изграден во согласност со нормите и стандардите на Европската Унија за заштита на животната средина, што дополнително влијае на намалување на емисијата на штетни гасови“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Спонзорирано: