11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Поради прелевањето на акумулациите, изгубени се над половина милион евра

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираат на, како што велат, фактот дека ХЕЦ „Глобочица“ веќе три недели прелева, а од пред три дена прелева и ХЕЦ „Шпилје“.

„Неспособното раководство на АД ЕЛЕМ не го искористи водниот потенцијал на ‘Глобочица’ и на „Шпилје“ во зимскиот период и со тоа не изврши празнење на акумулациите во пресрет на сезоната на дождови и топењето на снеговите. Поради таквата неодговорност, акумулациите прелеваат, а со тоа досега се изгубени над половина милион евра, пари што можеле да се генерираат доколку навреме била произведена електричната енергија“, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека додека АД ЕЛЕМ се соочува со пропусти во производството и загуби, раководството на претпријатието, наместо во нови инвестиции и развојни проекти, парите ги троши за вработување на партиски кадри.

„СДСМ без распишан оглас за вработување ги удоми во АД ЕЛЕМ на државна плата синот на Мирослав Грчев, човекот за кој македонската нација не постои, негатор на македонската историја, и ќерката на Талат Џафери, човек што себе си се претставува за претседател на Собранието. Власта на државна плата во АД ЕЛЕМ го згрижи и сопругот на Магдалена Несторовска, државен секретар во МВР, човек на 60 години. И додека граѓаните минуваат подолг период додека да најдат работа, роднините на функционерите на власта преку ноќ добиваат државна работа во едно од најдобрите државни претпријатија“, нагласуваат од опозициската партија.

Додаваат дека Република Македонија е заробена држава од врхушката на власт.

„Државата и државните ресурси се злоупотребуваат со цел материјален бенефит на партиската елита. Додека се богати мала група луѓе, јавноста се замајува со цел да не ја види хаваријата во државата што настанува со владеењето на СДСМ. Десетина патриоти неосновано се ставени во затвор со една единствена цел – да ја дефокусираат јавноста од неработењето, незнаењето и неспособноста на власта, но и од расипничкото трошење и богатењето на мала група луѓе од врвот на власта“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што велат дека на ваквото неработење мора да се стави крај.

Спонзорирано: