15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Враќањето на позитивната препорака ќе помогне во подобрување на состојбите во државата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се сретна со еврокомесарот Јоханес Хан за извештајот на Европската комисија, кој се однесува на интеграцискиот процес на Македонија.

„Мицкоски истакна дека враќањето на позитивната препорака, која претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ја добиваше од 2009 година, а ја загуби како резултат на наметната политичка криза во последните две години, чии актери денес се дел од Владата, заедно со препораките што се содржани во извештајот, треба да помогне на подобрување на состојбите и подигнување на критериумите во повеќе сфери во државата“, стои во соопштението за средбата.

Опозицијата, додал Мицкоски, суштински го подобри квалитетот на реформските закони, со што докажа дека државните интереси ги става како основен приоритет, но и дека преостанува да се посвети внимание на нивна имплементација, нешто што зависи од самата Влада.

Мицкоски истакнал дека она што загрижува се состојбите со нотираната корупција во институциите раководени од СДСМ, што се поклопува со извештаите што државава ја сместуваат за најкорумпирана во Европа, неефикасноста на институциите, бирократијата, нереформираниот судски систем, организираниот криминал и несигурноста на граѓаните.

„Мицкоски го истакна и политичкиот терор на власта кој се манифестира со уапсени пратеници пред воопшто да им биде симнат имунитетот, отворање судски процеси против неистомисленици на власта, а зад кои стојат политички мотиви, притисок врз медиуми, бркања од работа по партиски клуч и други форми на притисок. Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше посочено дека ќе продолжат критиките врз неефикасната влада на Зоран Заев и одблиску ќе се мониторираат состојбите што ги загрижуваат граѓаните, а за тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја информира македонската и меѓународна јавност, како и европските институции“, се вели во соопштението.

Од страна на комесарот Хан, се вели во соопштението, беше поздравена улогата на ВМРО-ДПМНЕ во процесот на евроинтеграциите и дека целосниот успех би бил влез на државата во Европската Унија, нешто што е заеднички интерес на сите субјекти додавајќи дека се ценат и поддржуваат актуелниот пристап, политиките и стратешките приоритети на Владата во однос на евро-атлантските интеграции.

Спонзорирано: