8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Pixabay
СВЕТ

Москва го предупреди Вашингтон да не презема воени дејствија во Сирија

Русија ги предупреди САД да избегнат преземање воена акција како одговoр на наводниот хемиски напад во Сирија.

„Уште еднаш ќе ве предупредам да го отфрлите планот кој моментално го развивате“ порача вчера рускиот претставник во ОН, Василиј Небенза.

Тој го предупреди Вашингтон дека ќе се соочи со голема одговорност за било какви илегални воени активности. Западните лидери соопштија дека се согласиле да работат заедно во потрагата по оние кои стојат зад хемискиот напад во Дума.

Русија стави вето на резолуцијата на САД, на вчерашната седница на Советот за безбедност, каде повторно се расправаше за наводниот хемиски напад во Сирија. На седницата не помина ниту рускиот предлог.

Нацрт резолуцијата на САД се однесуваше на воспоставување нов механизам за истрага на хемиски напади во Сирија. За неа гласаа 12 земји, додека Русија и Боливија беа против, а Кина воздржана. Ова е 12-то вето на Русија, на некоја резолуција за Сирија од почетокот на војната во 2011-та година.

Русија пред седницата побара од Советот за безбедност да гласа за два нацрт резолуции за Сирија. Првиот текст се однесуваше на американскиот нацрт, а вториот текст подоцна го предложи шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров и за него засега се знае малку. Овој нацрт беше одбиен поради недостаток од гласови.