23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пресврт во спорот за името

Министрите за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, ќе имаат нова средба на 12 април во Охрид, објави грчкиот портал reader.gr. Од македонското Министерство за надворешни работи засега нема информација за средба на Димитров и Коѕијас.

Ова ќе биде трета средба на двајцата министри за кус период. Минатиот месец Коѕијас беше во Скопје, а потоа заедно со Димитров во Виена се сретнаа со медијаторот Метју Нимиц.

„Целодневниот состанок беше продуктивен, што ме прави оптимист за иднината. Паралелно со нашиот состанок, дипломати и експерти од двете земји работеа на дел од контроверзните аспекти на договорот, особено фокусирани на идниот однос меѓу двете држави, каде што исто така е забележан напредок. Серијата состаноци ќе продолжи и во иднина, трасиравме пат за работа и можам да кажам дека, без да откривам детали, адресиравме тешки прашања“, изјави Нимиц по средбата што се одржа на 30 март.

Димитров по средбата рече дека разговарале за сите отворени прашања, за целиот пакет.

„Можам да кажам дека направивме условен прогрес, условен напредок бидејќи како одиме напред така доаѓаме и до тешките прашања и мислам дека и од нашата страна и од нивната страна имаме доста за размислување и за мерење. Работевме по логиката што е тоа што е најважно за Република Грција, што е тоа што е најважно за Република Македонија и дали можеме во компромисот кон којшто се движиме да ги покриеме двете работи. Меѓутоа, не зачудува што колку поотворено, поконкретно чекориме кон решение, така и тешкотиите излегуваат сè повеќе на виделина“, рече Димитров.

Спонзорирано: