19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ѓорѓиевски: СДСМ ја зароби државата и скопските улици им ги препушти на криминалцитe

Изминатиов викенд Скопје и Република Македонија личеа на сцена од криминален филм, истакна на денешната прес-конференција Орце Ѓорѓиевски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Разбојничка кражба на казино со „калашникови“, разбојништво и одземени два и пол милиони денари од лице што излегувало од банка од Аеродром, запалени автомобили, физички напад врз лица во Градскиот парк и уште десетици и десетици физички напади и нарушувања на јавниот ред се само дел од деликтите извршени во последните 72 часа. МВР не реагира. Ниту еден од овие случаи не е расветлен. Ниту еден сторител не е фатен. МВР под водство на Оливер Спасовски е целосно нефункционално“, констатира Ѓорѓиевски.

Како што истакна тој, криминалот царува, а полицијата е само набљудувач.

„Нема кафуле или дискотека што не се на удар на рекетарските банди, кои очигледно имаат поддршка од власта штом нема никаква санкција. Граѓаните не паметат кога МВР последен пат расветлило некој криминален случај. Поминаа осум месеци по убиството на Дилавер Бојку од Струга, а убиецот сè уште не е пронајден. Поминаа пет месеци од убиството на младиот Мартин Јанушев, а убиецот исто така е на слобода. Во Чаир како што знаете беше изрешетан Исмет Арифи, но повторно убиецот или убијците четири месеци се на слобода. Власта не ги гони убијците, ниту презема нешто посебно за нивно пронаоѓање“, истакна Ѓорѓиевски.

Како што рече тој, недозволиво е со месеци полицијата да не може да ги пронајде сторителите. Претставникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека со самото недејствување полицијата испраќа сигнал до сите идни сторители на кривични дела дека што ѝ да направат, тие може да останат неказнети поради бавноста на постапувањето.

„Социјалдемократскиот сојуз дополнително ја загрози безбедноста на нашите граѓани со амнестијата на насилници и лица осудени за разни видови криминал. Ние бевме сведоци дека некои од нив веднаш по излегувањето од затворите почнаа да ги напаѓаат граѓаните што ќе им се најдат на пат. МВР молчи и крие колку физички напади, кражби и разбојништва се регистрирани од изгласување на амнестијата. До денес МВР молчи и крие колкумина од амнестираните стојат токму зад овие дела. МВР молчи заради тоа што мора да се прикрие цената што ја плаќаат граѓаните за коалицијата на Социјалдемократскиот сојуз со криминалот“, рече Ѓорѓиевски на пресот.

Спонзорирано: