14.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев: Со планирањето на буџетот ќе се обезбедуваат услови за раздвижување на економијата

„Кога ја формиравме актуелната Влада на Република Македонија се заложивме својата работа да ја темелиме на отворени, транспарентни, сигурни и ефикасни владини институции, кои комуницираат и соработуваат со граѓаните.

Низа истражувања спроведени од страна на домашни и меѓународни граѓански организации, како и меѓу владини организации, нотираа дека во последните десет години концептот на отворена влада во Република Македонија беше целосно занемарен, а транспарентноста на институциите значително запоставена. Затоа, во рамки на својата програма за работа и во склоп на највисокиот реформски документ планот 3-6-9, актуелната Влада реализираше пакет активности кои недвосмислено се насочени кон транспарентност, отчетност и одговорност. Тие активности и мерки ја одразуваат заложбата за целосно спроведување на концептот отворена влада, истакна премиерот Зоран Заев на Првата годишна конференција на Министерството за финансии, по повод прогласувањето на 2 април за Ден на буџетот.

Според него, транспарентноста на буџетот е фундаментална кога станува збор за одговорност на владата пред граѓаните. „Прашањата на граѓаните се легитимни и треба да очекуваме да ни бидат поставени: Колку пари чини Владата? Дали финансирањето на државата со парите на граѓаните е поставено на предвидливи и одржливи основи? Дали државните службеници ефикасно, мудро и добро ги користат јавните пари? Кога станува збор за транспарентноста на буџетот и одговорно буџетско работење, ветивме дека буџетите ќе бидат подготвувани и донесени со процес на широка јавна дебата. И тоа пред да се влезе во владина постапка. Дадовме збор и го исполнивме: За првпат објавивме ‘Граѓански буџет’ врз основа на податоци за предлог-буџетот за 2018 година. Исто така изработени се и ‘Граѓански буџети’ од страна на сите министерства за нивните поединечни буџети. ‘Граѓански буџет’ беше објавен и за ребалансот на буџетот за 2017 година. Го подобривме полугодишниот извештај за извршување на буџетот и тој за првпат содржи детални податоци за сите буџетски корисници“, рече Заев.
Според него, највисоките носители на јавни функции ги објавија своите лични службени трошоци, заедно со извештај за сработеното, а граѓаните наскоро ќе можат да гледаат како се троши секој денар од буџетот, од пред своите компјутери. Оваа влада, според Заев, ќе остане на определбата парите на граѓаните повторно да се враќаат кон нив и кон стопанството, откако претходно ќе бидат вбризгани во проекти за унапредување на македонската економија, и за подобар живот и за здравјето на граѓаните.„Како и за буџетот за 2018 година, и понатаму ќе се стремиме планирањето на буџетот да обезбедува услови за реално раздвижување на економијата преку повисоки капитални инвестиции и сериозна државна поддршка за нови инвестиции, зголемување на конкурентноста и раст на извозот. Секогаш ќе целиме кон што поголема реализација на капиталните инвестиции како важен сегмент за планираниот раст на економијата и за финансиска стабилност на нашата Македонија. Така планираниот и димензиониран буџет, истовремено ќе ги обезбедува и основните функции на државата – непречена и навремена исплата на плати, пензии, социјални трансфери и други трансфери кон граѓаните, буџетските корисници и другите економски субјекти“, рече премиерот.
Тој годинава очекува понатамошно интензивирање на економскиот раст. Од политичката стабилност и од политиките за враќањето на довербата кај инвеститорите се очекува раст на приватните инвестиции. Растот на платите и вработеноста во приватниот сектор, поддржан од владините мерки, придружени со очекувањата за ниска и стабилна инфлација во земјата, ќе придонесат кон зголемување на приватната потрошувачка.
„Понатаму, континуираниот солиден извоз од новите производствени капацитети, како и закрепнувањето на традиционалните извозни сектори како резултат на зајакнатата економска активност на земјите трговски партнери ќе придонесат за зголемување на извозот на Македонија и поголемо искористување на индустриските капацитети. Согласно со ваквите очекувања за движењето на домашната побарувачка наредната година, како и предвидувањата за меѓународното економско окружување, очекуваме дека проекцијата за реалниот раст на БДП во 2018 година ќе достигне 3,2%, што е во согласност со повеќето проекции на релевантните меѓународни и домашни институции“, порача Заев.
Спонзорирано: