20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) 2 април прогласен за Ден на буџетот

Со пригодна свеченост, денеска во Собранието беше одбележан денот на носењето на првиот буџет на независна Република Македонија, 2 април 1992 година.

Истовремено, овој датум е прогласен за Ден на буџетот и по тој повод Министерството за финансии ја организираше Првата годишна конференција, на која се обратија премиерот, Зоран Заев, претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот за финансии, Драган Тевдовски, директорот на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија, Линда Ван Гелдер, и поранешни министри за финансии на Република Македонија.

Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека одбележувањето на овој ден претставува силен државнички континуитет и оддавање признание за работењето на финансиските институции на државата, без разлика на политичките и објективните премрежја низ кои помина Република Македонија во изградбата на демократски институции.
Како што истакна министерот за финансии, Драган Тевдовски, буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата и тој директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија.
„Буџетот го претставува крвотокот на функционирањето на државата. Од него зависат, на пример: платите на наставниците кои во училиштата ги учат нашите деца; опремата што се користи во јавното здравството; поддршката за вработување што им се дава на невработените; социјалната помош; поддршката за бизнисите кога отвораат работни места и инвестираат; изградбата на канализации, системи за наводнување, училишта, болници, патишта и енергетски објекти. А секако дека од буџетот зависат и многу други работи, кои имаат директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија“, рече Тевдовски.
Тој се осврна на буџетот за 2018 година, за кој рече дека ги отсликува клучните приоритети на Владата, како: економскиот раст, подигнувањето на животниот стандард и социјална правда, како и интензивирање на интеграциските процеси во НАТО и ЕУ. Затоа, како што истакна Тевдовски, во буџетот за годинава зголемена е поддршката за домашните претпријатија кои отвораат работни места и инвестираат, а предвидени се и повеќе средства за капитални инвестиции, за образование, здравство и одбрана.
Но, како што посочи Тевдовски, во Македонија буџетот ќе се планира и на подолг период. „Ние во Министерството за финансии почнавме да гледаме на подолг рок. За првпат од независноста, Министерството за финансии има Стратегија за реформи во системот за јавни финансии. Таа го опфаќа периодот 2018 – 2021 година и ги содржи сите значајни елементи на системот, почнувајќи од фискална транспарентност, преку воведување среднорочно буџетирање и измени во системот на јавните набавки, па сè до подобрувања во функционирањето на јавната внатрешна финансиска контрола, УЈП и Царината. Нејзина цел е среднорочно подобрување на системот на јавните финансии во насока на ЕУ стандардите“, рече Тевдовски.
Како што истакна претседателот на Собранието, Талат Џафери, со носењето на првиот буџет на Република Македонија ` покажавме на домашната јавност, а пред сè на економските субјекти, но и на меѓународната јавност и меѓународните финансиски организации, дека како држава сме способни да испланираме и спроведеме буџет без кој не може да се замисли ниту една функција на државата.
„Во современиот демократски свет, а пред сè во рамките на Европската Унија, токму врз основа на донесувањето на буџетот и врз трошењето на буџетот се мери и вреднува демократскиот капацитет на одредена владејачка структура и воопшто степенот на демократија во една држава“, истакна Џафери.
Првиот буџет на Република Македонија беше донесен на 2 април 1992 година. Министер за финансии кој го предложи првиот буџет беше Методија Тошевски во владата што ја предводеше Никола Кљусев, додека документот беше потпишан од тогашниот претседател на Собранието, Стојан Андов, и тогашниот претседател Киро Глигоров.
Спонзорирано: