9.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Соработка на ОБСЕ и ЗНМ за поголема безбедност на новинарите

Здружението на новинарите на Македонија и делегацијата на ОБСЕ во Скопје, денеска потпишаа Меморандум за соработка, каде се предвидени организирање на обуки и настани, кои имаат за цел да се подобри безбедноста на новинарите и да се подобри квалитетот на известувањето на новинарите.

Меморандумот предвидува организирање шест обуки за новинари и припадници на полицијата, кои ќе бидат посветени на покривање на настани од висок ризик. Во рамките на овие активности ќе се објави и прирачник за безбедноста на новинарите, а со заеднички настан ќе се одбележи и 2-ри Ноември, Меѓународниот ден за борба против неказнивоста на насилството против новинари.

Амбасадорката Суомалаинен рече дека потпишувањето на меморандумот за соработка со ЗНМ има симболично значење бидејќи со тоа официјално се продолжува соработката во сферата на слободата на медиумите по пауза од околу една декада.

Претседателот на ЗНМ Насер Селмани истакна дека треба да се искористи подготвеноста на МВР и на Јавното обвинителство да се разговара за зголемување на ефикасноста на истрагите за сите напади на новинари и да се изгради институционален механизам за превенција и казнување на таквото насилството.

„Нема да ја подобриме слободата на говорот во Македонија ако институциите немаат волја и капацитет ефективно да ги истражат сите напади на новинари. И не само тоа, оние што се осудуваат да напаѓаат новинарите мора да бидат изведени брзо пред лицето на правдата и да ја добијат заслужената казна. Со тоа системот ќе прати јасна порака до сите дека насилството врз новинари е неприфатливо и нема да се толерира во иднина“, истакна Селмани.

Тој рече дека слободата на говорот е голема цивилизациска придобивка, но таа во исто време е и одговорност. Според него, дел од обуките ќе се посветат и на запознавање на новинарите со праксата на Европскиот суд за човекови права.

Амбасадорката Суомалаинен и претседателот на ЗНМ Селмани заеднички ги осудија вербалните закани на обвинителот Бахри Шабани врз новинарот на Алсат-М, Ардиан Керими.

Спонзорирано: