11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СВЕТ

Најстариот американски производител на оружје оди под стечај

Најстариот американски производител на огнено оружје, компанијата „Ремингтон аутдор“, објави дека оди под стечај, пренесува „Фајненшал тајмс“.

По повеќе од 200 години работа во бизнисот, „Ремингтон аутдор“ објави банкрот. Главниот финансиски директор, Стивен Џексон, изјави дека продажбата значително се намалила во текот на изминатата година, а компанијата се задолжила околу 600 милиони долари.

Објавата за банкрот дојде ден по големиот протест против носење оружје во САД, односно по ограничувањата за купување и продажба на оружје што некои компании и банки веќе го воведоа поради зголемениот притисок по престрелката во училиштето во Флорида.

„Ремингтон аутдор“ е компанија основана во 1816 година која произведуваше огнено оружје за лов, војска и полиција. За некои од финансиските проблеми, компанијата го обвини Доналд Трамп и неговиот избор за претседател на САД. Имено, тие очекувале победа на Хилари Клинтон и заложби за построги закони за оружје, па го зголемиле производството со надеж дека граѓаните ќе сакаат да се снабдат, но тоа не се случило.

„Ремингтон“ важи за еден од најголемите американски производители на оружје кој на својата веб-страница се фали дека е „компанија што ја создала Америка“, а поседува некои од најпознатите марки на оружје, како што се „Марлин“ и „Бушмастер“. Сепак, угледот на компанијата бeше нарушен по пукањето во основното училиште „Сенди Хук“ во 2012 година, кога Адам Ланца со пушка „бушмастер ар-15“ уби 20 ученици и шест членови на персоналот.

Спонзорирано: