7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТОП ВЕСТИ

ЕЛЕМ објави тендер за купување помошна механизација за РЕК Битола

АД ,,Електрани на Македонија” денеска објави тендер за купување помошна механизација за РЕК Битола. Ангажирањето надворешна помошна механизација при ископот е еден од главните трошоци на АД ЕЛЕМ, затоа што за таа услуга ЕЛЕМ постојано им плаќа на надворешни фирми, бидејќи сопствена механизација-нема.

„Од тие причини, ние како државна компанија за производство на електрична енергија, планираме да набавиме сопствена и да ставиме крај на трошоците кои со години наназад го ослабнувале ЕЛЕМ, а преку ЕЛЕМ-и државата, како сопственик на АД ЕЛЕМ.
Конкретно, со овој тендер планираме да купиме: 8 хидраулични багери-ровокопачи, 9 булдозери, 2 грејдери,3 автодигалки, 3 утоварувачи, 2 комбинирани градежни машини-скипови, 4 телескопски чистачи на транспортни ленти, 2 цистерни за вода, 3 товарни возила со хидраулична рака за кревање и превоз на товар и 8 камиони-дампери со носивост од 30 тона. Вкупно – 44 парчиња механизација“, информираше директорот на АД ЕЛЕМ, Драган Миновски.

Според него, ова е целата помошна механизација што му е потребна на РЕК Битола за да не ангажира повеќе надворешна. Во последните 10 години за ангажирање помошна механизација од надворешни фирми, РЕК Битола има платено 93 милиони евра. „За оваа набавка, пак, ние имаме предвидено рамковна сума од 19 милиони евра, а нашата цел ќе биде преку голема конкуренција на заинтересираните фирми, различни понуда и преку е-аукцијата да добиеме поволни цени, и цените и да се обидеме и дополнително да ги намалиме преку електронското поддавање. Тоа што сега прво следува е технички дијалог во кој заинтересираните понудувачи ќе имаат можност да дадат свои предлози за подобрување на тендерската документација и на техничката спецификација на опремата, се со цел да се обезбедат конкурентни услови и висок квалитет на понудените производи“, вели Миновски.

Доколку тендерската постапка се одвива во предвидените рокови, се очекува машините да бидат испорачани до крајот на годината. Со тоа, во 2019г помошна механизација од надворешни фирми во РЕК Битола нема повеќе да се користи. Со поседувањето сопствена, РЕК Битола ќе добие на ефикасност и флексибилност во процесот на подготовка и ископ.

„Следна инвестиција во рудниците во РЕК Битола во наредниот период ќе биде набавката на циклична механизација, односно механизација за ископ на јаглен, во рудникот Брод-Гнеотино. РЕК Битола, за разлика од рудникот Суводол, каде има сопствена рударска меганизација, во Брод-Гнеотино нема и со години им плаќа на надворешни фирми за тие да вршат ископ на јаглен, а главните количини јаглен се копаат токму таму. Според нашите планови, во април ќе биде распишан тендер и за таа механизација, која ќе чини 22 милиони евра. Испораката ја очекуваме некаде во 2019г, по што РЕК Битола нема да плаќа на надворешни фирми за ископ на јаглен“, вели Миновски.

Целта на раководството на АД ЕЛЕМ е да купи сопствена помошна механизација и механизација за ископ на јаглен во РЕК Битола со што ќе се елиминира или ќе се сведе на минимум (во одредена преодна фаза) ангажирањето на надворешни фирми. За последните 5 години ЕЛЕМ за тоа платил 212 милиони евра. „Сумата сама по себе кажува се. Ние сега планираме за 41 милион да ја купиме целата потребна механизација и да копаат нашите работници. Со тоа ќе се изврши заштеда, а таа заштеда ќе се одрази на производствената цена на електричната енергија. Ние како ЕЛЕМ мораме да направиме се за да произведуваме што поевтина електрична енергија, затоа што со либерализацијата ние како државна компанија ќе треба веќе да се бориме на слободниот пазар, а не да чекаме на државата. Ние како менаџмент сме свесни за тоа, и одговорно и посветено работиме и се подготвуваме за промените во енергетскиот сектор“, додаде Миновски.

Спонзорирано: