7.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

В недела концерт на Кокан Димушевски

В недела, на 25 март, во Музејот на град Скопје во 20 часот ќе се одржи концерт на Кокан Димушевски. На концертот премиерно ќе бидат изведени најновите остварувања на Димушевски на полето на електроакустичната музика, меѓу кои се и композиции наградени на Конкурсот за нови музички дела на Министерството за култура на Македонија.

Истражувачкиот дух на Кокан Димушевски придонесува неговиот авторски опус да е исклучително богат и разновиден. Освен жанрите на поп и рок-музиката, тука спаѓаат радиофонските дела, музиката за театар и филм, современа електронска музика, џез музиката за големи и мали состави, камерни дела, дела за симфониски оркестар, многу музички авиза за потребите на РТВ-станици, играни ТВ-серии итн. Поради широчината на опфатот во секоја смисла, неговиот творечки манир неизбежно носи елементи на еклектицизам, типичен за многу автори на дваесеттиот век. Кокан Димушевски е еден од првите автори кои во Македонија почнаа да експериментираат со новите технологии во современото творештво. Во последниве години неговите музички интереси се свртуваат кон компонирање за таканаречените „класични оркестарски формации“ кои ги дополнува со електроника, при што компонира неколку оркестарски композиции, дела за големи камерни оркестри и помали камерни состави.

Кокан Димушевски заедно со композиторката Дарија Андовска е добитник на наградата „Панче Пешев“ за 2017 година. Наградата претставува највисоко професионално признание кое СОКОМ го доделува на музички творци и музички писатели со цел да се истакнат најзначајните музички достигнувања во областа на музичкото творештво и музикологијата во текот на една година.

Влезот на концертот е слободен.

Спонзорирано: