4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Анѓушев: 40 милиони евра за отпадни води и регионален пристап за депониите

Денеска на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, во организација на Балканската асоцијација за животна средина БЕНА, започна конференцијата ГРЕДИТ 2018: „Загаденоста на воздухот и нерегулирани депонии“, кадешто во два дена ќе бидат презентирани преку 150 научни трудови на научници од 20 држави.

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев на свеченото отворање на конференцијата ја цитираше изјавата на Чарлс Дарвин: „Не преживуваат најјаките видови, ниту најинтелигентните, туку оние кои се најприлагодливи на промените“.

„Токму затоа, во светот кој брзо се менува, Македонија мора постојано да биде во тек со новите технологии и иновации, во секоја област, па и во екологијата и заштитата на животната средина“, нагласи вицепремиерот. Анѓушев посочи дека климатските промени се реалност и токму поради тоа екологијата и заштитата на животната средина се високо во агендата на Владата, со цел намалување на ефектите од климатски промени. Тој дополни дека во периодот кој следи ќе се реализираат проекти со кои ќе се овозможи поздрава животна средина и подобар живот за македонските граѓани..

„Практично, сите сме сведоци како климатските и еколошките промени не предупредуваат. За жал, сите забораваме на овие предупредувања откако ќе помине кризата, но само до следната криза, која може да биде поголема. Затоа, треба да се определиме за похрабри чекори кон решавање на проблемите со животната средина. Прв ваков чекор е да се реши проблемот со дивите, но и со организираните депонии на смет во државата. Во рамките на Владата се договоривме за организиран, регионален пристап кон овој проблем и затоа, ќе отвориме 4 регионални депонии, за собирање и преработка на сметот. Втор чекор е решавање на проблемот со отпадните води кои треба да се соберат во организиран канализационен систем и да бидат прочистени пред да се пуштат во природните води. Средствата кои беа планирани за изградба на карго аеродром во близина на Штип, околу 40 милиони евра, за кој нема финаниска исплатливост, ќе гледаме да ги пренамениме токму за овој проект“, дополни Анѓушев.

На отворањето на конференцијата се обратија и потпретседателот на Балканската асоцијација за животна средина, Џабер Занбак, претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и претседателот на ГРЕДИТ конференција и професор на Машинскиот факултет во Скопје, Даме Димитриевски.