3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Алатка за отчетност: Владата соопшти дека во првите шест месеци потрошила двојно помалку од составот во 2014

Министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, денеска во Владата на Република Македонија одржа прес-конференција на која ја презентираше Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

Софтверското решение на алатката овозможува лесно да се пребарува низ трошењата на функционерите и да се прави споредба на трошоците на државните службеници, по типови на трошоци и во различни временски интервали. Алатката од денеска е достапна пред целата македонска јавност на веб-страницата на Владата на РМ, односно на следниов линк.

„За првпат во политичката пракса во Република Македонија Владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин своетo работење. Ако во минатото граѓаните прашуваа, а властите криеја, денес Владата самоиницијативно ги изложува трошоците без да чека некој да ја праша“, нагласи на пресот Поповски.

Софтверското решение ги прикажува податоците во форма на интерактивни инфографици со цел да ги направи попрегледни за сите. Алатката овозможува пристап и до наративни месечни извештаи за работата на службениците, остварени состаноци, службени патувања во странство итн.

„Целта на оваа алатка е да ги држи трошоците на јавните функционери на најниско ниво и да алармира доколку се јават отстапки во трошењата на јавните средства. Оваа одлука се однесува на 60-тина фунционери од извршната власт, кои во оваа прва фаза имаат обврска своите трошења да ги изложат пред очите на јавноста. Во следната фаза кругот ќе се прошири и на други државни службеници и раководители на органи на државната управа“, истакна министерот Поповски.

За поголема прегледност и споредбена анализа, министерот информираше дека во алатката за визуелизација се вметнати и трошењата на функционерите од претходната Влада во првите 6 месеци од преземањето на функциите по изборите, поточно за периодот јуни – ноември 2014 година, за да се утврди нивото на трошењата на функционерите на актуелната влада и да добие увид дали овие функционери трошат повеќе или помалку од функционерите од претходната влада.

Поповски истакна дека споредбените податоци покажуваат дека актуелниот владин состав потрошил речиси два и пол пати помалку државни пари во првите 6 месеци во однос на функционерите на претходната влада, по преземањето на нивните функции во 2014 година.

Министерот Поповски ги повика новинарите, како и сите граѓани, да продолжат да ги следат и да ги истражуваат податоците кои од денес се достапни на е-транспарентност Алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции.

„Денеска пред јавноста во Република Македонија излегуваме со уште една активност за која ветивме дека ќе биде само една од пакетот мерки што ќе овозможат одговорна власт која работи транспарентно и отчетно. Основата на отворената, транспарентна влада лежи во можностите на јавноста за пристап до информации како основно право на граѓаните бидејќи и тие, информациите, им припаѓаат на граѓаните“, истакна Поповски во Владата на РМ.