9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Предлозите на МТСП денеска на владина седница

Владата денеска ќе ја одржи 58-та седница, на која ќе бидат разгледани Предлог-програмата за персонална асистенција на лица со попреченост за 2018 година, како и Предлог – програма за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за оваа година. Двете точки доаѓаат по предлог на Министерството за труд и социјална политика, кое денеска на разгледување ја достави и Предлог-програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2018 година.

Владата ќе ја разгледа и Предлог-програмата за изменување на Годишната програма за финансирање на железничката инфраструктура за 2018 година. Од програмата за реализација на инфраструктурните проекти, на денешната седница ќе биде разгледана Информацијата за прогрес на активностите за реализација на проектот „Рехабилитација, надградба и реконструкција на поголемите железнички станици на Коридорот 10 и кракот 10д, како и Информацијата за прогресот на активности во реализацијата на Акцискиот план за проектот „Модернизација и реконструкција на влезовите во Битола и изградба на експресен пат од Битола до граничен премин Меџитлија”.

Пред министрите, на денешната седница на одобрување ќе биде поднесен извештајот за извршени преговори со усогласен текст на Спогодбата помеѓу Владите на Македонија и Црна Гора за соработка во областа на борбата против трговија со луѓе.

На предлог на Министерството за надворешни работи, ќе биде разгледан и предлогот за поведување на постапка за водење преговори за потпишување Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Народна Република Кина за заемно укинување на визите за државјаните на двете земји, и предлогот за поведување на постапка за водење на преговори за потпишување на Спогодба меѓу Владата на Република Македонија и Кабинетот на Министри на Украина за услови за заемно патување на државјаните на овие две земји.

Владата денеска ќе ја разгледа и Информацијата во врска со активностите за анализа на моменталната состојба во областа на ИТ во сите институции од јавниот сектор во Македонија, на предлог на Канцеларија на Претседателот на Владата на Македонија и на Националниот совет за ИКТ.