9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Екоакција на жителите на село Чајле, се чисти дивата депонија кај Рудина

Веќе четири дена тече големата еколошка акција во местото наречено Рудина, во периферијата на село Чајле. Акцијата иницирана од страна на Месната заедница на село Чајле наиде на широка поддршка меѓу жителите, бизнисмените и иселениците од село Чајле, како и од Општина Гостивар и локалните еколошки здруженија, информира Општина Гостивар.
Камиони, трактори и соодветна механизација за чистење на теренот од селаните и бизнисмените ставени се на располагање за реализација на акцијата, најголема досега во селото и веќе меноста Рудина почна да го добива посакуваниот изглед. Во поддршка на акцијата на самото место денеска отиде и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. Во изјава за медиумите тој информира дека има најави за слични активности и во други населени места, а Општина Гостивар ќе ги поддржи и ќе иницира акции за чистење диви депонии на секој викенд. „Чајле и Чегране, а во иднина верувам и други села прават извонредна работа со вакви еколошки акции. Им се заблагодарувам на сите граѓани кои на разни начини даваат придонес за реализација на ваквите акции. Би сакал да нагласам дека Општина Гостивар во буџетот има предвидено по две илјади евра за секоја месна заедница за вакви и слични трошоци. Ние како Општина, заедно со двете јавни претпријатија, ќе ги поддржиме сите екоакции и се надевам дека секој викенд ќе имаме по една акција“, истакна Таравари.
Претседателот на Месната заедница на село Чајле, Синан Елези, објаснува дека теренот што се чисти, ќе се огради, ќе се постави табла за предупредување да не се фрла отпад, ќе се воведе дежурство и местото ќе се засади со дрвца.
„Им благодарам на сите оние што придонесуваат за остварување на оваа акција, жителите во општо, членовите на раководството на Месната заедница, бизнисмените, иселениците и нормално Општина Гостивар и градоначалникот Таравари. Како што можете да видите, во првите три дена направивме многу работа и продолжуваме со исто темпо. Местото ќе го огради и ќе се погрижиме да го одржуваме, а ќе засадиме и дрвца за да имаме чист воздух и да го зачувмае нашето здравје и здравјето на нашите деца“, истакна Елези.
Спонзорирано: