3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Милчин до Милошоски: Немам намера да го урнам Заев, твојата партија треба да се исчисти од криминалци

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски преку социјалните мрежи упати критика кон Христијан Микцкоски за кого вели дека премногу тактизирал и недоволно ја напаѓал владата. Според Милошоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски треба да се угледа на професорот Владимир Милчин кој јавно го критикувал премиерот Зоран Заев.

„Со сите суштински идеолошки разлики со него како социјал-демократ и контраверзите од неговиот влог во режираната шарена револуција, сепак треба да се каже дека Милчин јавно и без тактизирање ги фрли критиките што кон власта, кои би требало да ги упати лидерот на опозицијата. Тие се однесуваат за името и уцените, за Грција и уцените, за неверувањето во Заев и неговата уценетост, за немањето реформи, за неспособноста на Бујар и Садула, за фаличноста на законот за двојазичност, за можни протести на разочараните граѓани и други теми“ пишува Милошоски, кој додава дека доколку Милчин и неговите истомисленици продолжат со категорични критики кон власта, а водството на ВМРО-ДПМНЕ сèуште „математички прецизно” тактизира, се плаши дека можат да ја превземат улогата на опозиција.

На пишувањата од Милошоски, одговори професорот Владимир Милчин кој вели дека тој со неговите критики немал намера да го тргне премиерот Зоран Заев од власт за да го донесе претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, туку само да го потсети Заев за принципите кои ги промовираше и за кои се обврзал дека ќе ги спроведе на дело.

„Ете, Милошоски ми ти имал одговор на прашањето кое ги мачи преторијанците околу Заев: Што сака сега стариот Милчин? Па вели Милошоски: Сега, доколку Милчин и неговите истомисленици продолжат со категорични критики кон власта, а водството на ВМРО-ДПМНЕ сеуште “математички прецизно” тактизира, се плашам дека можат да ни ја превземат улогата и на опозиција. Во едно се согласувам со Милошоски: Јас и тој не можеме да бидеме сојузници, не поради идеолошките разлики, туку поради нивното криминално владеење. А неговиот страв дека јас и моите истомисленици ќе сме ја преземеле улогата на опозиција е ишкање на мувата од капата. Улогата на релевантна опозиција ВМРО-ДПМНЕ може да ја игра само доколку се реформира однатре и се исчисти од криминалците и насилниците. А тоа нема врска со моето право и обврска јавно да ги споделувам моите критички опсервации за секоја власт. За минатата, сегашната и идната. Јасно ми е дека Милошоски и нему сличните не можат да го разберат тоа, зашто не им се вклопува во партиски лимитираните умови, но сепак ќе ги потсетам дека партиите немаат монопол врз вистината, како што немаат монопол врз љубовта кон татковината. Особено кога љубовта кон татковината ја сведуваат на љубовта кон партијата и власта“, напиша Милчин на социјалните мрежи.

Спонзорирано: