19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Заев: Да ги надминеме предрасудите околу статусот и улогата на жената во општеството

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска присуствуваше на Маршот во чест на 8 март, што традиционално го организира Форумот на жени на СДСМ. Тој посочи дека Република Македонија успешно се гради во едно општество за сите, во кое што жените имаат и мора да имаат значајна улога.

„Жените се неопходни во сите процеси што ги отворивме во општеството, и како наставнички и како негувателки и професорки, и како лекарки и како медицински сестри, и како работнички и како бизнисменки, и како земјоделки, и како судијки, и како новинарки, и како градоначалнички, и како министерки, и како домаќинки, и како ангажирани во јавниот и општествен живот, затоа што основната клетка на едно општество е семејството“ рече во обраќањето претседателот Заев.

Тој повика на заедништво и на надминувањето на предрасудите околу статусот и улогата на жената во општеството.

„Секогаш кога зборувам за правата на жените се потсетувам на една многу реална, инспиративна констатација на ‘Челичната лејди’, на познатата британска премиерка, Маргарет Тачер. Таа вели: ‘Секоја жена која ги разбира проблемите на водењето на домаќинството, подобро ќе ги разбере проблемите на водењето на државата’“, рече Заев.

И затоа, додаде тој, не треба да бегаме од тоа дека системските пропусти низ годините и предрасудите оставија многу жени без општествен ангажман, или во потчинета улога во семејството.

„Но, ако сме заедно, и жени и мажи, и ако успеавме да се избориме за демократски промени, заедно, убеден сум дека ќе се избориме – и за правичното и праведно место на жената во општеството, она кое таа ќе го избере, дома или во јавниот живот. И дека ќе успееме да се справиме со предрасудите за улогата на жената, со коишто се уште се соочува и светот, а реков, си знаеме дека постојат и во нашата држава“, додаде претседателот на СДСМ.

Спонзорирано: