12.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски ѝ порача на власта: Не само што криво нишаните туку и погрешно пукате

Целокупната политичка мисија на оваа Влада се темели на играта со ниски страсти која има за задача да ги оцрни за ним неподобните и истите дисквалификува. Па така доколку некој не им чини ја активираат својата свита од дворот со сите нишани да пукаат во метата дека секој кој ќе крене глава е неподобен, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својот говор на настанот организиран денес од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ во Македонската опера и балет.

„За мене, често знаат да кажат дека сум продолжена рака, па така мислат дека ќе го потценат својот противник или ќе го направат помал во очите на јавноста. Во оваа прилика сакам да им порачам, не само што криво нишаните туку и погрешно пукате, јас Христијан Мицкоски сум единствено на страната на народот и со таа помисла влегов во политиката и тоа начело ќе ме води до последниот ден од ова мое поглавје во животот“, рече Мицкоски.

Во своето обраќање, тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ се соочува со политички терор кој резултирал со притвори на неколку лица меѓу кои има и жени и рече дека на пратениците им бил доделен притвор, па дури потоа им го симнале имунитет.

Мицкоски го спореди ВМРО-ДПМНЕ со брод кој плови низ немирно море.

„Многу често некои знаат да кажат и дека ВМРО е млако во своите политики, и тука сакам отворено да споделам неколку реченици. Треба да се прави јасна разлика меѓу млако, и внимателно, помеѓу емотивно и математички прецизно. ВМРО-ДПМНЕ е огромен брод кој плови низ немирно море и кому му е потребна стабилност повеќе од сè друго. Таа стабилност полека, но сигурно доаѓа, а за нејзино постигнување е важен секој еден член. Пловењето низ тоа море не е возможно без меѓународни конекции и пријателства, и затоа во изминатиот период го посветив на создавање на нови или реобновување на постојните контакти“, рече Мицкоски.

Бев во партијата, додаде тој, и во добро и во лошо, како многумина. „Бев сведок на многу падови, но и блескави победи. Го знам пламенот кој гори во срцата на нашите членови, и го споделувам истиот тој пламен, и ви велам ќе успееме. ВМРО тоа го може“, истакна Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ паролата „Нема правда, нема мир“, колку само трогателно треба да звучи, полека станува оскиморон на владеењето на оваа влада, каде ниту мир има, а за правда не се ни зборува.

„Времето минува, но животот кој го ветуваа никако да дојде, барем не за граѓаните. И во отсуство на вистински проекти, за големо достигнување ќе ни се преставува отворената автобуска станица и преместената 50-ска за едвај триесетина метри, додека ГТЦ замира. За големи инвестиции ќе ни се преставуваат препишаните од претходнта влада, затоа што нови нема, ниту се работи на тоа, автопатите кои ги сопреа очекувам повторно со црвени ленти да бидат отпочнати со градба, а како тргнало може и црвениот килим од кроењето на лозјето ќе биде таму“, рече Мицкоски.

Тој истакна дека на Македонија ѝ е потребна нова генерација на луѓе.

„Пред конгресот велев можеби ќе успеам, а можеби и не, но дека ќе дадам сè од себе. Сега знам и сум сигурен дека ќе успеам, и тоа го должам, должам победа за секој еден граѓанин“, истакна Мицкоски.

Тој порача дека Владата мора да покаже активизам и македонската жена да добие шанса и услови за да се развива, да има можности која ќе ја направат активен член на општестото и двигател на развојот.

„Ние за жал станавме држава со секојдневие каде на вестите се информации за злоставувани штитенички на Домот за деца со социјално-воспитни проблеми и за тоа имаме отсуство на целосни информации, а чувството дека станува збор за посериозен проблем се заменува со обидот да се сокрие скандалот само за да нема политичка одговорност. Па следните денови ќе дознаеме од медиумите како е тепана полицајка, но веќе утредента кога ќе се сретне со министерот за внатрешни работи, дава изјава дека станува збор за самоповреда од ‘пајак’ возилото. Нешто што не само што е дезавуирање на положбата на македонската жена, не само што станува предмет на шега на социјалните медиуми туку е и повреда на интелегенцијата на граѓаните“, истакна Мицкоски.

Спонзорирано: