4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Формиран Совет на стопанственици од Општина Кисела Вода

Во присуство на голем број деловни субјекти чија дејност е регистрирана во Oпштина Кисела Вода, на градоначалникот Филип Темелковски и на претставници од централната власт се одржа конститутивната седница на Советот на стопанственици од оваа Oпштина.
На неодамнешната првична средба со бизнис-заедницата градоначалникот на Општина Кисела Вода, Темелковски, го иницираше формирањето на ова тело, чија задача ќе биде да ги идентификува проблемите и потешкотиите на деловните субјекти од овој дел на градот во насока на подобрување на бизнис-климата и отворање нови работни места. Тој ги потенцираше придобивките кои треба да произлезат од Советот на стопанственици и истакна дека запознавањето со проблемите е првиот чекор кон изнаоѓањето решение, а најважната карика е имплементирањето на тие решенија за подобро функционирање на бизнис-заедницата. Потсети дека Советот ќе овозможи и работа на заеднички проекти, но и подигнување на општествената одговорност на компаниите, од што, секако, најголема корист ќе имаат жителите на Општината.
Дејан Николовски, советникот за инвестиции на премиерот, смета дека е од големо значење одлуката на градоначалникот Темелковски за формирање на Советот на стопанственици од Општина Кисела Вода, бидејќи истиот ќе може на компаниите да им помогне на повеќе нивоа, посебно во полето на инвестирањето. Издвои дека Владата наскоро ќе излезе со пакет-мерки, па преку овој Совет деловните субјекти ќе можат да имаат увид и полесно да ги планираат своите бизниси.
На конститутивната седница беа избрани и членови на Управниот одбор, а за претседател на Советот на стопанственици од Општина Кисела Вода беше избран Борис Хрисафов, генерален директор на Цементарница АД Скопје. Беше формирана и работна група  за подготовка на Деловник и Статут за работа на Советот, по што уследи и дискусија за предизвиците со кои се соочуваат сопствениците и предлозите за нивно надминување.