10.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Судиите и обвинителите се тепаат за да му угодат на Заев

Правдата и законите во Македонија не важат еднакво за сите. Судот за едни е мајка, а за други маќеа, реагираат денеска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Вчера, по којзнае кој пат, повторно беше одложено рочиштето во кое Зоран Заев е обвинет за поткуп од 200.000 евра. Судот три години не може да одржи рочиште, а надлежните судии и обвинители, што би рекол Заев, се тепаат за да му угодат и да не го вознемируваат“, стои во партиското соопштение.

Како што додаваат оттаму, истовремено, без никаква правна основа, судот веќе три месеци им го продолжува притворот на патриотите поради измислен тероризам.

„Иронијата да биде поголема, кога ќе биде изречен 30-дневниот притвор, судот дури по истекот на 25 дена ги разгледува жалбите. Ова не е правда, туку неправда. Политичка, а не судска. Судот докажа дека е соучесник во овој политички монтиран процес. На неправедно обвинетите веќе 3 месеци им се ограничува слободата со изрекувањето на мерката притвор“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Велат дека на никој не му е јасно зошто судот ги игнорира сите факти дека обвинетите не може да го повторат делото за кое се товарат бидејќи не сториле терористички акт.

„Против Чавков, Мукоски, Василевски и сите други неправедно обвинети се води политичка монтирана хајка со обвинение за тероризам. Овие луѓе не се терористи. Тие се доктори, пратеници, интелектуалци, кои секогаш застанувале зад интересите на Република Македонија. Доста веќе притворот се искористува во политички цели! Судовите мора да престанат да си поигруваат со законите“, се наведува во соопштението.

Спонзорирано: