Времето денеска е облачно и студено, насекаде со врнежи од снег, освен во Битола и Охрид, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
До крајот на денот нè очекува облачно и студено време со врнежи од снег со слаб до умерен интензитет.
Снежната покривка ќе продолжи да се зголемува, а ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец.
И во Скопје ќе се задржи облачно со врнежи од снег и со умерен северен ветер.
Утре ќе преовладува променливо облачно и студено со повремен снег со слаб до умерен интензитет, особено во западните и крајните источни делови од земјата.
Ќе дува слаб до умерен јужен ветер, кој во Пелагонија на моменти ќе се засилува.
Во Скопје променливо облачно со повремен снег рано претпладне како и во вечерните часови.
До четврток ќе биде променливо облачно и студено со повремени врнежи од снег со слаб до умерен интензитет, претежно во западните и источните делови.
Температурите ќе бидат значително под просекот за овој период од годината, а најстудено ќе биде в четврток кога утринската температура на повеќе места ќе се спушти под минус 10 степени.
В петок ќе има врнежи од дожд и снег, а позначително затоплување со локални врнежи од дожд ќе има за време на викендот.