5.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Сензационализмот, ексклузивноста и брзањето причини за нарушување на приватноста

(МИА) – Што е личен податок? Како медиумите во Македонија ги третираат прашањата за приватноста? Дали се прави разлика меѓу приватноста и јавниот интерес? Ова се прашања за кои многупати се зборувало, се едуцирало, но грешките се повторуваат. Во последните два месеци има повеќе случаи во медиумите каде приватноста на граѓани се нарушува со објавување на нивното име и презиме, фотографии, видеа, здравствена состојба…

На веб – страната на Советот за етика на медиумите (СЕММ) каде се објавуваат жалбите и одлуките на Советот може да се види дека повредите на приватноста се често застапени или се дел од одредени поплаки за објавени новинарски текстови, фотoграфии и видеа, иако не секогаш новинарите го кршaт Кодексот на новинари или Етичкиот кодекс. Сепак, укажувањата се дека новинарите треба да се едуцираат и да не подлегнуваат на сензационализам или ексклузивитет кога станува збор за приватноста и личните податоци на граѓаните. Понекогаш причина за прекршувања знае да биде и брзината која е еден од елементите на новинарското известување.

Елена Трифуновска, аналитичар и експерт од областа на заштитата на приватноста, вели дека како генерален заклучок за состојбата и начинот на кој новинарите и медиумите објавуваат содржини може да се каже дека многу често правото на приватност и правото на заштита на личните податоци ја губи важноста и приматот пред она што се нарекува ексклузивност на самата содржина.

– Се разбира дека во одредени ситуации јавниот интерес преовладува, но јавниот интерес никогаш не смее да се помеша со она што е забава или што е интересно за јавноста, вели Трифуновска.

Националната правна рамка во Република Македонија, посочува таа, не ги издвојува медиумите во однос на обработувачи на лични податоци како што самиот Закон за лични податоци тоа го прави. Според неа, има и пропуст од страна на законодавецот бидејќи она што не е регулирано во самите закони за медиумите, истовремено претпоставува и ризик дека нема да може да се применат соодветни мерки за овие појави и да се спречат.

Фотките и видеата соодветно да се обработат пред објавување

Кога се зборува за лични податоци прво што ни паѓа на ум е дека тоа се името и презимето и матичниот број на граѓанинот, но предупредува Трифуновска, многу податоци што можат да бидат откриени токму преку медиумите можат да бидат третирани како лични и со тоа да ја нарушат приватноста на одредено лице, како фотографии или видеа, на кои јасно се гледа ликот.

Фотографијата претставува биометриски личен податок што спаѓа во категоријата чувствителни лични податоци и имаат и посебен степен на заштита и по правило не смее да бидат обработувани без согласност на субјектот на личните податоци или без постоење на законска основа, стои во Резолуцијата 1165 на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 1988 година.

Согласноста на корисникот да објави негови фотографии на својот приватен профил без разлика на тоа на колку други корисници таа ќе им биде достапна не значи автоматски негова согласност или да бидат реобјавувани на други веб-страници и медиуми. Сепак, доколку поединецот ја одбрал опцијата за „јавно објавување“ има различни толкувања за законитоста и легитимноста на објавата на таа фотографија без негова согласност.

Еден од последните случаи во македонските медиуми е објавувањето фотографии на кои јасно се гледаше лицето на жената која се обиде да се самоубие скокајќи во Вардар.

Во декември лани, пак, еден онлајн портал објави фотографии и видеа на комерцијални сексуални работнички. За овој случај Здружението ХОПС поднесе жалба до Советот за етика на медиумите, кој, пак, оцени дека во тој случај е прекрешен Кодексот на новинарите и тоа во членовите 1, 7, 10 и 13.

Трифуновска го посочува овој пример потсетувајќи дека пред неколку години во Македонија имаше случај со сексуални работнички кога за медиумите, кои ги објавија нивните ликови,  имаше и казна.

-Барајќи ексклузива и сакајќи да се истакне одредена тема во општеството како важна, се заборава на тоа дека лицата за кои се известува треба да бидат и заштитени. Се објавуваат фотографии и видеа каде се препознатливи ликовите на лицата. Иако не ги знаеме нивните имиња и презимиња, сепак, нормално дека можеме сосема да видиме за кого станува збор од самото тоа што е објавено, вели таа.

Се почесто во последно време има вести и новинарски текстови каде се коментираат политичките определби, убедувања или сексуалната определба на одредени лица. Тоа, вели таа, се чуствителни лични податоци за кои треба да се води сметка на соодветен начин да бидат обработени во веста односно да не се користат како најексклузивни информации во самата вест.

Најмногу грешки се прават во потрага по сензација 

Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби на Советот за етика во медиумите, вели дека новинарите и медиумите во земјата знаат како етички да се однесуваат и што е професионалност, но оти најмногу грешки се случуваат кога новинарите одат во потрага по сензација и сакаат први да ја објават информацијата.

– Најмногу грешки настануваат кога новинарите одат во потрага по сензација и први да го напишат тоа, да го објават, кога навистина го нарушуваат Кодексот на новинарите на Македонија и прават етички повреди и професионални грешки. Затоа во редакциите треба посебно да им се кажува на новинарите дека треба да водат сметка за овие работи. Како што на докторите им е закачена Хипократовата заклетва, така и нашиот Кодекс треба да биде на ѕид и кога ќе излегуваме на работа да го погледнуваме. Не дека не знаат новинарите, знаат, но во трката со времето се прават такви грешки, но тоа понекогаш не се мали, туку големи грешки особено кога станува збор за приватноста. Тенка е границата меѓу приватноста и обичниот живот, особено кога станува збор за заштитата на приватниот интерес и особено кога станува збор за јавни личности. Има правила и препораки. Треба само да се примени, потенцира Адамчевски.

До Советот за етика на медиумите има поднесено повеќе од 200 претставки, но можеби 70 отсто се за онлајн медиумите. Таму, вели тој, не се води сметка бидејќи сметаат дека се недопирливи што не е точно.

– Онлајн медиумите се опфатени со 11 закони. Затоа сум против регулирање. Но, надлежните не си ја вршат работата, тие што ги спроведуваат законите. Да речеме – за клевета и омраза имаме закон, говор на омраза – Кривичен закон, авторски права – закон, заштита на лични податоци има закон…, значи се си има закони… Тој што го спроведува законот да побара одговорност. Онлајн медиумите мислат дека се недопирливи. Допирливи се, но не им е докажано дека се допирливи, тврди Адамчевски.

Во однос на интернет медиумите, пак, Трифуновска посочува дека националната рамка во моментов не ги издвојува како посебен вид медиуми.

– Тоа е прилично проблематичен момент заради тоа што јас лично го гледам влијанието на еден медиум, без разлика дали е тоа интернет медиум или традиционален вид на медиум. Доколку медиумот го има влијанието и допира до голем број читатели или гледачи, ако зборуваме за интернет медиумите, тогаш апсолутно дека тој треба да ги следи правилата за објавување што важат и за традиционалните медиуми. Правилата за почитување на приватноста треба да останат исти, но она во кое што треба да се интервенира зборувам не само медиумите, туку државата во креирањето на законската рамка е издвојувањето на интернет медиумите како посебен вид на медиуми и нормално одговорноста што со тоа интернет медиумите ќе си ја добијат ќе биде сосема поразлична од она што го имаме сега како состојба. Имаме Закон за заштита на лични податоци што треба да се применува еднакво за сите, а немаме механизам да казниме или да спречиме некоја појава еднаква за истите тие коишто објавуваат, смета Трифуновска.

Медиумите и новата регулатива за заштита на личните податоци 

Во мај оваа година во сила стапува новата регулатива на Европската унија за заштита на личните податоци што ќе значи многу поголема заштита на личните податоци и приватноста на граѓаните, која ги опфаќа и медиумите.

Трифуновска вели дека оваа Регулатива во делот на медиумите ја проширува одредбата во смисла на тоа дека се воведуваат критериуми за поставување на баланс помеѓу она што е приватно и она што е јавен интерес.

– Значи, критериумите како да недостасуваа во оваа одредба. Точно е дека медиумската работа и дел од новинарите беа повластена категорија согласно и регулативата и националниот закон, меѓутоа сега се врши едно допрецизирање во смисла на тоа да се дадат некакви критериуми што ќе ја олеснат работата на медиумите во нивната проценка за тоа што е личен податок при самото објавување на веста. Сметам дека одредбата таква каква што е поставена е добра, меѓутоа повторно ќе кажам праксата и усогласувањето со останатите закони што ги регулираат медиумите останува да биде нормално усогласена и со оваа регулатива, посочува таа.

Нов момент во регулативата и во националните закони ќе мора да биде секако инкорпорирана, според Трифуновска, е правото да се биде заборавен.

– Ова го коментирам во однос на интернет медиумите. Значи, правото да се биде заборавен е право одредени лични податоци со тек на време да бидат избришани од Интернет односно да не можат да бидат достапни за пребарување на ниту еден пребарувач на Интернет генерално. За ова има уште дебати, уште дилеми дали ова право да се биде заборавен ќе биде во корист на новинарите, особено кога зборуваме за истражувачкото новинарство, меѓутоа крајната дефиниција на самата одредба се уште не знаеме каква ќе биде, зборувам за националниот закон, меѓутоа, сепак останува како обврска на интернет медиумите и на сите оние што обработуваат и објавуваат податоци преку интернет во одреден временски период да вршат бришење на сите лични податоци што ги имаат обработено во текот на нивното дејствување, потенцира Трифуновска.

Елизабета Велјановска Најдеска 

Спонзорирано: