3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Градоначалникот Коцевски најави две нови јавни претпријатија во Велес, за гас и паркинзи

(МИА) – На денешната прес-конференција градоначалникот на Велес Аце Коцевски најави формирање две нови јавни претпријатија – ЈП „Велес-гас “ што ќе го води процесот на гасификација и ЈП „Велес паркинг“ кое треба да го реши проблемот со  сообраќајот и недостигот на паркинг места.

Коцевски информира дека со поддршка на членовите на Локалниот економски совет веќе на следната седница на Советот на општина Велес ќе предложи формирање на ЈП „Велес-гас“.

– Очекувам гасот во Велес да протече за две години, затоа општината нема да губи време и веднаш ќе започне со подготовка на техничката документација, физибилити студијата, лиценцата за дистрибуција, изградба на секундарна и терцијална мрежа, најави Коцевски.

Информира дека мрежата за гас од Штип ќе биде проширена до Велес, а на неа прво ќе се приклучи индустријата, па јавните објекти, а потоа станбените згради и на крај индивидуалните куќи. Очекува дека со гасификацијата ќе се заштедат од 60 до 70 проценти средства, кои, според него, ќе може да се искористат за отворање нови работни места.

Второто јавно претпријатие „Велес-паркинг“ треба да помогне во разрешувањето на проблемите со сообраќајот и недостигот на паркинг места во Велес.

– Ова ново ЈП ќе има надлежност и за одржување на хоризонталната и вертикалната сообраќајна сигнализација и одржување на уличното осветлување. Тоа веднаш ќе пристапи кон организација на зонско паркирање во две зони во градот, најави Коцевски.

Тој информираше и за злоупотреба на парите на граѓаните при издавањето на закуп на градскиот пливачки базен од страна на општината и поставувањето на 40 билборди низ градот.

Во првиот случај со неплаќање на закупот од страна на закупецот општина Велес е оштетена со  над 40 илјади евра, а со неплаќање на рекламирањето на билбордите општината е оштетена со 100 илјади евра.

Градоначалникот Коцевски најави дека надлежните државни органи што ќе ја водат истрагата треба да утврдат како дошло до злоупотреба.

– За сите незаконитоси што ќе бидат утврдени ќе биде информирано Основното јавно обвинителство и тоа ќе треба  одлучи дали ќе покрене постапки, потенцира Коцевски.

За наредниот месец најави масовни акции за чистење на дивите депонии во градот и ги повика граѓаните и тие да се приклучат во борбата  за почиста и поздрава животна средина. Коцевски  најави и набавка на две нови возила за комунален отпад во високите стрмни делови од градот со тесни улички.