3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Иванов одржа предавање пред членовите на Советот за високо образование на Турција

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во рамките на официјалната посета на Република Турција, денеска во Анкара одржа предавање на тема „Предизвици на високото образование во третиот милениум“ пред членовите на Советот за високо образование на Република Турција и ректорите од сите државни и приватни универзитети на Република Турција.

Иванов во своето предавање се осврна на историските промени во процесот на образованието, притоа правејќи паралела меѓу милет-системот и македонскиот модел на интеграција без асимилација, како и за важноста на почитувањето наместо толерирањето на различностите.

„Еден куриозитет со кој се гордееме – првата телевизиска програма на турски јазик се емитувала на македонската телевизија во Скопје 1967 година. Турската држава својата телевизија ја формира 1969 година. Две години во етерот оделе слика и збор на турски јазик од Македонија. Првиот професионален театар на турски јазик надвор од Турција е во Македонија, кој набргу ќе слави 70 години постоење. Тоа укажува дека другиот не треба да го толерирате, туку треба да го почитувате. Затоа, оваа филозофија е она што нуди решенија за состојбите и на Блискиот Исток и на Кавказ. Кога ќе го почитувате другиот, можете да очекувате и тој вас да ве почитува. Ако го толерирате, тој ќе знае дека не го сакате, дека само го трпите“, рече Иванов на предавањето пред турската академска заедница.

Претседателот зборуваше и за тоа какво образование им е потребно и е најсоодветно за новите генераци.

„Живееме во време на голема преобразба кога целото знаење бара поинаква интерпретација затоа што младите ќе живеат во сосема поинаков свет во кој знаењата што сте ги стекнале вие веќе не се од корист. Но, ако ги сфатат принципите, ги сфатат законите и сфатат едно нешто што се вели етика, никојпат ќе немаат проблем во животот. Кој ги почитува моралните закони, тој ги почитува и природните закони. Кој е во баланс со природата, секојпат е со добри луѓе“, рече Иванов кому му беа подарени дела од отомански автори.

Иванов истакна дека на Македонија и на Турција им се потребни универзитети што ќе им помогнат на младите да ги достигнат своите потенцијали и да се остварат во 21 век. Според него, дигиталната трансформација на универзитетите создава услови за персонализирани студиски програми, кои преку технолошките паркови овозможуваат да се создаваат кадри за четвртата индустриска револуција.
Претседателот на Советот за високо образование на Република Турција, Јекта Сарач, во своето воведно обраќање ја претстави академската и политичката кариера на претседателот Иванов и информира дека на универзитетот во Анкара неделава почнала со работа катедрата за македонски јазик. Тој упати повик до академиците и ректорите да ја поддржат соработката со Република Македонија во областа на високото образование.

На предавањето присуствуваа и македонски студенти во Анкара, кои остварија средба со претседателот Иванов. Тие ги пренесоа своите искуства од образовниот систем во Турција и истакнаа дека им е голема чест и задоволство што присуствуваа на предавањето на претседателот Иванов.

Во Република Турција функционираат 185 државни и приватни универзитети, на кои студираат над 7 милиони студенти.