3.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Анѓушев: Поддршка за малите и средните компании во планот за економски раст

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, се обрати на тркалезна маса со која се означи започнувањето на „Проектот за зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија со цел подобрување на нивната соработка со странските инвеститори“.

Вицепремиерот истакна дека Владата креира мерки за поддршка, преку кои се овозможува зголемување на соработката помеѓу домашните и странските компании што работат во Република Македонија, која во моментот е на ниско ниво. Тој истакна дека за зголемување, освен желбата за соработка, потребно е компаниите да обезбедат квалитет на своите производи и услуги, но и да постои економска логика за да се воспостави повисоко ниво на интеракција.

„Економската логика ќе ја обезбедиме со имплементација на мерките. Во планот за економски раст креиравме мерка преку која директно ја стимулираме соработката помеѓу странските и домашните компании. Доколку некоја странска компанија изврши набавки за производството во висина од 15 отсто од вкупните набавки од македонски компании, Владата ќе обезбеди директна финансиска поддршка во висина од 1 отсто од вкупно направените набавки на компанијата“, потенцира вицепремиерот.

Тој рече дека мерките од третиот столб на планот за економски раст, наменети исклучиво за мали и средни претпријатија, ќе се спроведуваат преку програмата за спроведување на стратегијата за иновации, која ќе се реализира преку Фондот за иновации и технолошки развој, а даваат значителна поддршка на компаниите за зголемување на нивната конкурентност.

„Како никогаш досега им се дава поддршка на малите и средните компании. Малите и средните претпријатија, а тоа по дефиниција се компании до 250 вработени, имаат можност да добијат до 70 проценти поддршка од вредноста на направените трошоци за инвестициските проекти за развивање нови производи. Овие производи би можеле да бидат наменети за некоја поголема компанија, со што ги стимулираме компаниите за иновации и ја поттикнуваме меѓусебната соработка помеѓу компаниите. Воедно, малите и средните претпријатија имаат можност да добијат и 30 проценти поврат на директните трошоци во инвестициските проекти, со што го поттикнуваме нивниот развој“, потенцира Анѓушев.

Вицепремиерот додаде дека со новите мерки Македонија станува поконкурентна земја за инвеститорите и дека фокусот во привлекување нови странски странски инвестиции ќе биде ставен на компании што имаат готов производ, имаат можности да носат побрзи одлуки при избор на доставувачи, со што би се зголемила соработката со домашните производители.

Проектот за зголемување на конкурентноста на домашните мали и средни претпријатија се спроведува од Советот за странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија во соработка со Машинскиот факултет во Скопје.

Спонзорирано: