15.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

„Трите билборда вон градот” победник на БАФТА наградите

(МИА) – Црната комедија „Три билборди вон градот” на режисерот Мартин Мекдона е прогласен за најдобар филм од Британската академија за филмски и телевизиски уметности (БАФТА), на манифестацијата што се одржа синоќа во „Ројал Алберт Хол“ во Лондон.

Филмот за обесправената мајка што се бори со неправдата и нееднаквоста, „Три билборди вон градот”, од девет номинации доби вкупно пет награди, меѓу кои и за најдобра главна женска улога – Френсис Мекдорманд и најдобра машка споредна улога – Сем Роквел.

Гери Олдман беше удостоен со наградата за најдобра машка главна  улога, за толкувањето на ликот на Винстон Черчил во филмот „Најмрачниот час”.

Филмот исто така имаше девет номинации, додека „Блејд Ранер 2049“ и „Данкирк“ имаа по осум.

На Мексиканецот Гиљермо дел Торо му беше доделена наградата за најдобар режисер за филмот „Обликот на водата”.

На црвениот килим се најдоа многу претставнички на седмата уметност, меѓу кои и Анџелина Џоли и Џенифер Лоренс, кои беа облечени во црно, во знак на солидарност со жртвите на сексуално злоставување, вознемирување и дискриминација.

 

Почесни гости беа принцот Вилијам и неговата сопруга, војвотката од Кембриџ, Кетрин, која беше облечена во темнозелена тоалета со црн појас, црни чевли и црна чанта. Кралското семејство во принцип, сепак претпочита да не изразува солидарност кон какви било политички движења, јавуваат британските медиуми.

Спонзорирано: