9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Кавадарци ги раскинува договорите за јавно приватно партнерство за осветлување и паркирање

(МИА) – Одлуки за согласност за спогодбено раскинување на договорот за јавно приватно партнерство за одржување на јавно осветлување и отпочнување постапка за престанок на договорот за јавно приватно партнерство за давање услуги на паркирање, едногласно донесе Советот на општина Кавадарци на денешната седма седница.

Одлуките беа предлог на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Тој појасни дека првиот договор се раскинува спогодбено поради реакции од граѓаните поради слабо осветлување на одделни позиции. Вториот, поради недоследности, а на одредени локации надлежните не дозволиле паркирање, па на партнерот ќе му бидат вратени парите за концесија, но најверојатно ќе бара штета преку суд.

Советникот од СДСМ Лазар Туриманџов рече дека и порано и сега, неговата партија била против договорот за осветлување, бидејќи со него била потценета интелигенцијата на кавадаречката јавност. Нагласи дека се покажало оти биле во право и побара ревизија и одговорност.

Според Зоран Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ, нивните политички опоненти се обидуваат да ја дефокусираат јавноста од актуелните политички случувања.

– За транспарентно работење сме. Кој работел незаконски нека одговара, а не да се собираат политички поени, нагласи тој.

Социјалдемократот Петар Николов изјави дека и порано и сега СДСМ било против јавно приватно партнерство за паркирањето, а “за” јавно претпријатие. Спомена дека пресметаниот профит за десетгодишно работење бил 785 илјади евра.

– Ќе има пониски цени ако има јавно претпријатие и нема да се полнат приватни џебови, нагласи тој.