11.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Од април во Скопје ќе почне да сообраќа електричен автобус

Градот Скопје денеска потпиша договор со компанијата „Чериот моторс“ за пробно користење електричен автобус за период од шест месеци. Електричниот автобус ќе почне да сообраќа на градските улици во април годинава, и тоа на линијата со број 15 на ЈСП од Ново Лисиче до Карпош 4 по следната траса: булевар Јане Сандански, булевар Кочо Рацин, улица Димитрие Чуповски, булевар Партизански одреди и обратно. Во возилото може да се превезуваат до 85 патници.

По истекот на пробниот период, овој електричен автобус ќе биде понуден на ЈСП и на приватните превозници да го купат.

„Станува збор за енергетски ефикасен автобус што троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот“, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов и додаде дека станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 се поставени со помош на ЕВН.

Шилегов рече дека годинава е предвиден буџет за субвенции за набавка на екоавтобуси во висина од 100 милиони денари и за приватните превозници во висина од 20 милиони денари.

Претставниците на „Чериот моторс“ објаснија дека станува збор за израелска компанија за производство на електрични автобуси со седиште во Софија, која во соработка со кинеската компанија „Хајгер“ произведува 76 автобуси на ден. Нивните автобуси веќе сообраќаат по улиците на Белград, Грац, Тел Авив, а набргу и во Мадрид и Салцбург.

Спонзорирано: