4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Надлежните потфрлиле во случајот со силуваното девојче, смета Народниот правобранител

Народниот правобранител смета дека надлежните потфрлиле во случајот со 13-годишното девојче кое било жртва на сексуална злоупотреба.

„Народниот правобранител заради утврдување на состојбата ги посети Јавните установи за згрижување на деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение ’25 Мај’ и ‘Ранка Милановиќ’, при што изврши увид во документацијата и разговараше со одговорните лица, како и со малолетничката. Притоа неспорно констатира дека станува збор за дете во ризик, на чии родители им е одземено родителското право ѝ е под старателство на ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје. Во горенаведената институција детето е сместено од декември 2016 година и повеќе пати, според негово кажување, самоволно ја напуштала институцијата. За Народниот правобранител неспорно е дека наведените установи се од отворен тип што значи дека штитениците во секое време можат да ја напуштат установата. Но, со оглед на тоа што станува збор за деца во ризик со назначен старател од државен орган смета дека надлежните затаиле во овој случај. Наведеното од причина што не покажале интерес да ги утврдат причините за честото напуштање на домот од страна на малолетничката, како и за тоа каде и со кого го поминувала времето по напуштање на Установата“, се вели во соопштението на Народниот правобранител.

Според Народниот правобранител кога државата ја презема одговорноста за грижа и заштита на дете сместувајќи го во установа од ваков тип потребно е во континуитет да се преземаат мерки за заштита на правата на детето и превенција од секаков вид на злоупотреба, занемарување или малтретирање, вклучувајќи и сексуална експолатација, а на што впрочем упатува и член 19 од Конвенцијата за правата на детето.

Народниот правобранител ги повикува Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство без одлагање да ги преземат сите со закон утврдени дејствија за откривање и санкционирање на злоупотребата на детето. Воедно, апелира до Министерството за труд и социјална политика како ресорен орган за заштита на правата на децата и за функционирање на институцијата за згрижување, воспитание и образование на деца, најитно да преземе дејствија за целосно испитување на одговорноста на назначениот старател.