По иницијатива на Здружението на индустриската зона Визбегово, во Скопје се одржа акција за прочистување на скопскиот акведукт. Општина Бутел детаљно ја координира акцијата и таа беше подржана од Град Скопје, „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, претставници од Центар за заштита на културните споменици и бизнис-заедницата.
„Во индустриската зона Визбегово има повеќе од 200 компании во кои работат над 5.000 лица. Имајќи ја предвид средината во која работиме, сакаме да оствариме континуирана соработка со институциите и со другите субјекти што функционираат во овој реон за да преземеме чекор и да покажеме дека со заедничка работа може да се постигне успех. Сакаме овој вид акции, како чистењето на скопскиот акведукт, да бидат поттик и на други зони за и тие да бидат општествено одговорни“, порача Тања Кроневска, член на Здружението на индустриската зона Визбегово.
Скопскиот акведукт е објект што носел вода од изворот до целта, што претставува одлична алегорија за компаниите што функционираат во Визбегово, а тоа е дека тие еден ресурс го претвораат во продукт или услуга за крајните корисници. Компаниите од Индустриската зона Визбегово за акцијата обезбедија соодветна механизација за собирање на отпадот, како и лица што ќе помогнат во чистење на скопскиот акведукт.