10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ во Словенија оствари средба со Јанез Јанша

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по посетата на Вашингтон, ја продолжи својата интензивна дипломатска активност почнувајќи неколкудневна агенда на посети на Република Словенија, Република Хрватска и Република Србија.

Како што информираат од партијата, во текот на вчерашниот ден претседателот Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски оствариле средба со поранешниот премиер и сега лидер на словенечката опозиција и претседател на СДС, Јанез Јанша. На средбата во Љубљана се разговарало за повеќе актуелни теми поврзани за можностите за меѓупартиска соработка, актуелната политичка состојба и стратешките интереси на државата врзани со членството во НАТО и ЕУ.

Мицкоски посочил дека Република Македонија економски стагнира, а граѓаните секој ден живеат полошо. Истакнал дека остануваат и проблемите поврзани со недостигот на демократски капацитет на власта за што, како што рекол, најдобар пример е политичкиот терор врз неистомислениците кој мора веднаш да престане.

Воедно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ рекол дека Република Македонија мора да оствари реален напредок во поглед на европските интеграции, а притоа потребно е да престане праксата на гол популизам на Владата без суштински реформи во клучните области.

„Потребно е ангажирање на севкупните капацитети за остварување реален напредок, кој мора да биде вреднуван и од кој најмногу корист ќе имаат самите граѓани“, посочил Мицкоски.

На средбата соговорниците позитивно ги оцениле меѓупартиските односи и изразиле подготвеност за нивно дополнително интензивирање во периодот што престои. Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, лидерот на словенечката СДС, Јанша, дал поддршка за најголемата опозициска партија во Македонија и изразил надеж дека државата што побргу ќе оствари конечен напредок во однос на евро-атлантските интеграции.

Спонзорирано: