4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев ги пофали младите европски федералисти за придонесот кон реформските и евроинтеграциските процеси

Имате повеќе капацитет од многу политички субјекти во придонесот кон реформските и евроинтеграциските процеси, им порача премиерот Зоран Заев на претставниците на здружението „Млади европски федералисти – Македонија“ („ЏЕФ Македонија“), со кои се сретна денеска.

Од здружението го информираа премиерот за Федералното собрание на млади европски федералисти, кое ќе се одржи во Македонија од 23 до 25 март годинава, и го поканија да земе учество со свое обраќање, а од Владата побараа да биде покровител на настанот.

Вакво собрание првпат се одржува во Република Македонија, а на него ќе земат учество повеќе од 40 организации на млади европски федералисти од цела Европа и ќе се дискутираат политики и резолуции што се однесуваат на ниво на цела Европа.

Одговарајќи позитивно на поканата, премиерот потенцира дека чест е да се биде домаќин на таква организација и истакна дека се надева и на поинтензивна соработка во иднина.

Членовите на „ЏЕФ Македонија“ во оваа пригода, поздравувајќи ги заложбите за евроинтеграцијата на земјава, го запознаа премиерот детаљно за концептот на нивната организација и системот на вмрежување во рамките на европската мрежа на млади федералисти.

Во текот на средбата претставниците на „ЏЕФ Македонија“ ги истакнаа своите намери за континуирана и стратешка соработка со Владата во градењето на граѓанскиот концепт на нашето општество.