10.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Сингапур со низа програми и обуки ќе го поддржи македонското воздухопловство

Директорите на Агенцијата за цивилно воздухопловство на Република Македонија и на Цивилните воздухопловни власти на Сингапур, Горан Јандреоски и Кевин Шум, склучија Договор за обезбедување обуки во областа на воздухопловството, како потврда на посветеноста на Сингапур за меѓународен напредок на цивилното воздухопловство и поддршка на иницијативата на ИКАО „Ниту една земја не е изоставена“, информираат од Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ).

Како што наведуваат оттаму, цивилните воздухопловни власти на Сингапур, преку Воздухопловната академија, ќе подготвуваат и спроведуваат програми за обука како поддршка на развојот на воздухопловството во Македонија.

При склучувањето на договорот, директорот на АЦВ потенцирал дека поддршката е од особено значење од аспект на подобрување на квалитетот на знаење на вработените во АЦВ и стекнување нови вештини и искуства од областа на воздухопловната безбедност, навигацијата, воздухопловното обезбедување, како и другите области кои се од исклучително значење за развојот на македонското цивилно воздухопловство.

„Би сакал уште еднаш да нагласам дека како Агенција за цивилно воздухопловство целосно сме посветени да ја оправдаме довербата што сингапурските воздухопловни власти ни ја даваат како партнери и соработници, и максимално сме подготвени да одговориме на предизвикот, кој значи давање на квалитетни услуги и овозможување сигурен и безбеден воздушен сообраќај, на задоволство на воздухопловната индустрија и патувачката јавност“, подвлекол Јандреоски.

Осврнувајќи се на значењето на потпишаниот договор, директорот на Цивилните воздухопловни власти на Сингапур, Кевин Шум, потенцирал дека тие со задоволство остваруваат соработка со цивилните воздухопловни власти на Македонија во подготовката на програмите за обука кои одговараат на потребите на АЦВ.

Спонзорирано: