9.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Општина Карпош: Велосипедите да станат замена за моторните возила во Скопје

Денеска на интернационално ниво се одбележува Денот за возење на велосипед во зима (Winter Bike to Work Day). По тој повод градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заедно со претседателот на Советот, Андреј Манолев, и советникот Владимир Кроневски се приклучија на оваа активност и на работното место пристигнаа со своите велосипеди.

Во таа насока Општина Карпош ги повикува сите граѓани, карпошани да дојдат до своето работно место, училиште или факултет со велосипед.

„Целта на оваа глобална иницијатива е да се подигне јавната свест за зголемено користење на велосипедот како превозно средство. Во време кога сме соочени со големо загадување на амбиенталниот воздух, велосипедот треба да биде замена за моторните возила“, истакнуваат од општината.

Инаку, оваа година општината почнува да субвенционира купување нови велосипеди бидејќи, како што велат, достапноста на ова превозно средство овозможува повеќе граѓани да го користат велосипедот и на директен начин да придонесат во намалување на загадувањето.