11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев обелодени добра вест: Од сега во оваа држава ќе може без визи

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорката на Украина во Република Македонија, Наталија Задорожњук. На средбата е изразена согласност дека има отворени можности за интензивирање и унапредување на соработката меѓу двете пријателски земји и е изразена определба тоа да се случи во скоро време низ повеќе конкретни активности.

На состанокот премиерот Заев најави дека ќе иницира до МНР и до Владата комплетно укинување на визите помеѓу двете држави, што ќе овозможи поефикасни економски и трговски односи меѓу двете земји, како и во неколку други области за коишто е утврдено дека има простор за тоа.

Договорено е активирање на работата на Мешовитиот комитет за економски и трговски прашања. Се разговараше за олеснувања меѓу двете земји во областа на земјоделството, за можностите за помош и примена на украинските искуства во областа на гасификацијата и општо енергетиката, коишто се, како што рече премиерот Заев, меѓу приоритетните активности на Владата на Република Македонија. Украинската амбасадорка Задорожњук соопшти дека Украина може да помогне со својата експертиза и во енергетиката и во инфраструктурни проекти во Македонија. За таа цел премиерот Заев упати покана преку амбасадорката до украинските бизнисмени за посета на Македонија и контакти со бизнис-заедницата во нашата држава, како и надеж дека наскоро ќе се оствари официјална посета на Република Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Украина, Павло Климкин.

Премиерот Заев и амбасадорката Задорожњук изразија обострана поддршка за аспирациите на Украина и на Република Македонија за членство во Европската Унија и во НАТО, што, како што е констатирано, дополнително ќе влијае на демократските процеси во државите и стабилноста и безбедноста во земјите. Амбасадорката Наталија Задорожњук на средбата со премиерот Зоран Заев ги поздрави реформите што ги прави Владата и интензивираните добрососедски односи и оцени дека отворените перспективи за Македонија во НАТО и ЕУ ќе значат охрабрување за Украина.

Спонзорирано: