Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Судот во Стразбур одлучи: Државата ќе им плати отштета на Велија и Емел Рамковски поради долгиот притвор

Судот за човекови права во Стразбур пресудил во корист на Велија Рамковски и ќерка му Емел Рамковска, кои имаа поднесено тужби во врска со критериумите по кои бил одреден притворот и должината на притворот во предметот „Пајажина“.

Во согласност со пресудата, државата ќе треба на сопственикот на некогашната телевизија „А1“ и на ќерка му да им исплати по 780 евра поради неаргументиран притвор.

Судот во постапката утврдил дека македонските судии не ги зеле предвид објективните критериуми при определување на притворот, туку донеле одлука за притвор, без да дадат конкретни аргументи во однос на опасноста од бегство, повторување на делото или влијание врз сведоците.

Колку за потсетување, сопственикот на телевизијата „А1“ беше во притвор една година и два месеца. Во судскиот процес „Пајажина“ беа обвинети 23 управители и основачи на фирми на „Перо Наков“ во Скопје за затајување данок, перење пари и злосторничко здружување.