13.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Македонија може да очекува почеток на преговори ако го затвори прашањето за името

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска ја презентираше Стратегијата на Европската комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.

Како еден од најважните успеси Османи го прикажа фактот што во Стратегијата експлицитно е посочена можноста на земјите од Западниот Балкан кои сѐ уште немаат почнато преговори, меѓу кои е и Република Македонија, согласно успех во напредокот во периодот што следи, да ги достигнат земјите предводнички и се приклучат на динамиката 2025 која е предвидена со Стратегијата.

„Во Стратегијата веќе се најавува чиста препорака за Македонија за почнување преговори, и согласно со успехот во затворањето на политичките прашања, вклучително и прашањето за употребата на името со Грција, Македонија може да очекува одлука за започнување преговори“, истакна Османи, додавајќи дека согласно со долгиот стаж во претпристапниот период и значајниот напредок во усогласувањето со Унијата направен токму овој период, приклучувањето кон динамиката 2025 станува опиплива, изводлива, а може да се рече и извесна.

Во продолжение Османи пред медиумите ги презентираше обврските кои треба да ги преземат земјите аспиранти, најмногу во адресирање на внатрешните прашања во контекст на нивната подготовка за членство во Унијата, но и затворањето на отворените прашања, согласно со критериумите за добрососедство.

„Со Стратегијата, Европската Унијата ни испрати две многу важни пораки: Прво, дека ќе се шири само со земји кои ги исполнуваат критериумите, што значи дека секоја земја мора да ги заврши своите реформи и подготвена да пристапи кон Унијата, и второ, дека нема намера да увезува политички проблеми, т.е. дека земјите мора прво да ги затворат билатералните прашања со соседите, па потоа да бидат примени во Унијата“, истакна Османи.

Во рамките на презентацијата Османи се осврна и на придобивките од Стратегијата кои ѝ следат на Република Македонија уште во периодот на приближување, како што се зголемените средства за здравството, образованието, инфраструктурата, дигиталната агенда, поддршката за бизнисот итн., како важен сегмент за конвергенција на сите општествени слоеви во Република Македонија со оние а земјите членки на Унијата.

„Стратегијата покажа дека 2018 година е навистина година на можности, и се надевам дека овие пораки ќе бидат примени од сите релевантни општествени и политички фактори во државава, вклучувајќи ги тука и другите институции и опозицијата, и дека согласно со насоките на Стратегијата, ќе изградиме национален консензус по стратешките прашања, како услов за напредок во европските интеграции“, изјави Османи на крајот.

Спонзорирано: