20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

ВМРО-ДПМНЕ: Заев да каже што точно прифатил на средбата во Давос

Процесот на разговорите во врска со проблемот за името ги засега сите, па затоа Владата не смее да ги крие деталите, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

„Премиерот Зоран Заев вчера кажа дека била прифатлива географска одредница, но не кажа во чие име говори и која е таа одредница што за него е прифатлива. Не кажа ниту кој би бил опсегот на употреба, а премолче и за тоа дали станува збор само за географска одредница, која би била за меѓународна употреба, или тоа значи промена и на Уставот, односно уставното име, националноста и јазикот. Исто така, остана неодговорено и прашањето дали оваа географска одредница би имала англиска транскрипција или не“, смета опозицијата.

Додаваат дека во вакви околности, кога се кријат другите детали, крајно несериозно и многу опасно е јавното лицитирање со одредниците што се прифатливи. Според нив, настапот на Заев може да има сериозни последици врз целиот процес и драматично да ги наруши македонските преговарачки позиции.

„Заев беше повикан од грчкиот министер за надворешни работи да ја информира македонската јавност во врска со договорот што го постигнале со премиерот Алексис Ципрас во Давос. Македонската јавност очекува да чуе што точно прифатил Заев на средбата во Давос. Доколку не бил постигнат договор во Давос, информациите што се лиферуваат од грчка страна треба да бидат демантирани за да не се вознемируваат граѓаните“, бараат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во врска со преименувањето на аеродромот и автопатот, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема иредентизам во актуелните имиња и добро би било граѓаните да чујат дали одлуката на Владата е дел од некоја поширока стратегија или повторно станува збор за еднострани постапки од кои Република Македонија нема никаква корист.

Спонзорирано: