10.8 C
Скопје
20. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Доделени грантовите за инклузија на Ромите во образованието

Единаесет граѓански организации од Македонија потпишаа договори за грантови за спроведување активности кои ќе придонесат за инклузивна средина за децата Роми во образовниот процес, информираат од Здружението на граѓани „Ромски Ресурсен Центар“ од Скопје и Центарот за семејно и детско згрижување (Family and Childcare Centre – KMOP) од Атина.

Секоја граѓанска организација од 9 општини во Македонија добива меѓу 2.500 и 5.000 евра за создавање инклузивна средина за децата Роми. Проектите ќе се имплементираат во времетраење од 6 до 9 месеци. Со ова ќе се зајакнат капацитетите на граѓанските организации на локално ниво.

„По завршување на проектот очекуваме граѓанските организации да работат на интегрирано решавање на проблемите на ромската заедница, особено во образованието. Клучна улога во целиот процес имаат и локалните самоуправи и националните институции со кои активно соработуваме. Целта на грантовата шема е да се зајакнат капацитетите на малите локални организации за да се оспособат за придонес кон унапредување на образовниот статус на Ромите во Македонија преку инклузија на децата Роми во образовниот систем“, истакна Себихан Демировски, програмски менаџер на Ромски Ресурсен Центар Скопје.

Од овие две граѓански организации посочуваат дека добитниците на грантовите, индикретно, преку процесот на апликација, се стекнуваат и со знаење како да аплицираат и да ги користат европските фондови, бидејќи самиот процес на аплицирање се базира на највисоките воспоставени ЕУ практики и критериуми за проектни апликациони процедури.

Александар Ванчоски од КМОП Скопје се надева дека, со нивното долгогодишно искуство и цврство партнерство со РРЦ, ќе придонесат кон решавање на овој значаен проблем со кој се соочува не само ромската заедница во Македонија, туку и целокупното македонско општество. Активностите спроведени преку оваа грантова шема имаат мултидимензионален пристап за подобрување на инклузијата на Ромите во образованите процеси.

„Грантовата шема ќе придонесе до потемелен и покреативен начин за подобрување на политиките и практиките за инклузија на децата Роми и ќе работи кон зголемување на свесноста на сите релевантни актери надлежни за креирање поинклузивни политики во образованието на локално и национално ниво. Исто така ќе овозможи и градење капацитети на граѓанските организации кои работат со ромската заедница за, во иднина, да креираат поиздржани и посеопфатни проекти и политики“, вели Ванчовски.

Спонзорирано: