20.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Тутунска направа наидува на препрека при преиспитување на опасности за заболувања од страна на експерти

Philip Morris International Inc. не успеа да ги убеди здравствените експерти дека производот што загрева тутун го намалува ризикот од болести поврзани со пушењето.

Како што пренесува New York Times, советодавниот комитет на Агенцијата за храна и лекови на САД (FDA) со 8 гласови за, еден воздржан и ниту еден против во четвртокот (25.01.2018) заклучи дека Филип Морис не успеал да покаже дека неговиот iQOS уред, кој го загрева тутунот на пониска температура од горењето на цигарите, го намалува ризикот од заболувања поврзани со тутунот за пушачи кои прават комплетна промена.

Со гласање во однос 5-4, комитетот исто така утврди дека Филип Морис не покажа дека iQos ја намалува штетата во споредба со пушењето традиционални цигари. Од друга страна, членовите со 8-1 гласови изјавија дека е демонстрирано дека iQos ја намалува изложеноста на корисниците на штетни хемикалии. Гласањето беше кулминација на дводневниот состанок во седиштето на Агенцијата во Силвер Спринг во државата Мериленд.

Производителите на тутун се соочуваат со долгорочен пад во пушењето и притисок од страна на комесарот на FDA, Скот Готлиб, да создадат цигари кои ќе ја намалат зависноста. Филип Морис, кој продава Марлборо и други брендови надвор од САД, потроши повеќе од 3 милијарди долари за развој на портфолио на производи за кои се вели дека се помалку штетни од цигарите. IQos е главен производ во таа стратегија.

По гласањето на комитетот, акциите на Филип Морис се намалиле за 6,9 отсто, пред да затворат со 2,8 отсто на 107,49 долари. Акциите на Altria Group Inc., која има договор за лиценцирање на iQos во САД, накратко паднаа за 5,5 отсто и завршија со 2,3 проценти на 69,91 долари.

“Ние сме убедени во нашата способност да одговориме на валидните прашања покренати од комисијата на FDA, бидејќи процесот на ревизија за нашата апликација продолжува“, изјави портпаролот на Филип Морис Кори Гери во е-маил изјава.

Нема доволно податоци

Панелот беше во голема мера неубеден дека Филип Морис презентирал доволно податоци, особено кај луѓето, наспроти истражувањата на глувци, кои би докажале дека намалувањето на изложеноста на штетни хемикалии од iQos ќе го намали ризикот на пушачите да развијат болести кои се поврзани со употребата на тутун, како што е ракот.

“Не гледам голем број студии на оваа тема“, изјави пред гласањето Мајкл Вајцман, член на советодавниот панел и професор на Одделот за педијатрија на Медицинскиот факултет во Њујорк. “Не се чувствувам комотно при донесувањето на една таква одлука. Она што го имаме видено се сведува на „сугерира“ и „имплицира“. Но, не можам под заклетва да кажам дека она што го видовме јасно покажува. “

FDA ќе ги разгледа препораките на комисијата, размислувајќи дали на Филип Морис да му го одобри барањето iQos да го означува како “тутунски производ со модифициран ризик”, што би значело дека ќе има корист за здравјето на населението во целина. Означувањето на Филип Морис би му овозможило да го продава iQos на пазарот како помалку ризичен производ од цигарите, а со тоа би станал прва таква етикета доделена од FDA. Агенцијата не е обврзана со мислењето на советодавниот панел.

IQos вклучува електронски грејач и загревано стапче кое наликува на кратка цигара. Корисниците го вметнуваат стапчето во грејачот кој загрева до речиси 600 степени целзиусови. Инаку, цигарите горат на повеќе од 1.000 степени целзиусови. Според Филип Морис, колку е повисоко нивото на топлина, толку повеќе се штетни хемикалиите на кои се изложени корисниците.

Членовите на FDA го покренаа прашањето за iQos во извештајот подготвен за состанокот, истакнувајќи дека целосната студија на Филип Морис за потенцијалниот ризик за предизвикување рак на уредот нема да биде готов до крајот на оваа година. Иако iQos ја намалува изложеноста на некои штетни хемикалии во споредба со пушењето, според извештајот на членовите на FDA, корисниците сепак може да развијат одредени предканцерозни лезии, слични на оние што можат да бидат предизвикани од традиционалните цигари.

Алтрија ќе го продава iQos во САД според договор за лиценцирање ако FDA тоа го дозволи, откако таа ќе се изјасни за посебната апликација на Филип Морис, различна од сегашната во која компанијата тврди дека производот е помалку ризичен од пушењето. Се очекува FDA да решава за посебната апликација за продажба на уредот на почетокот на годинава, но нема временска рамка за донесување одлука за релативниот ризик од iQos.

Филип Морис проценува дека ако биде одобрен за продажба, од вкупно 40 милиони пушачи во САД, 6 милиони ќе се префрлат на iQos, изјави за време на состанокот Антонио Рамаѕотти, потпретседател за следење и истражување на однесувањето на луѓето во Филип Морис.

Извор: Маркетинг365

Спонзорирано: