20.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Предлог-проект за заштита и туристичка валоризација на Студенчишкото Блато

Секоја година на 2 февруари се слави Светскиот ден на блатните екосистеми. Годинашната тема е „Блатните екосистеми за одржлива урбана иднина“, која повикува на препознавање на виталната улога што блатните екосистеми ја играат за урбаните средини. Годинава, а во духот на веќе тригодишната битка за заштита на Студенчишкото Блато, граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ го објавува предлог-проектот за одржлив развој на Блатото со хармонизација на заштитата на неговата уникатна природа и негово ставање во функција на туризмот. Иако во идејна фаза веќе извесно време, предлог-проектот најпосле беше изработен од членовите на иницијативата, а минатата недела му беше предаден на градоначалникот на општина Охрид, Јован Стојаноски, и другите вработени од Општина Охрид.

Проектот се темели на два основни и во урбаното планирање сосема занемарени аспекта на Студенчишкото Блато: екосистемските услуги преку кои Блатото ја обезбедува благосостојбата на луѓето, од каде што произлегува неоходноста и ургентноста не само за негова заштита туку и за ревитализација на деградираната површина, барем во проценетите 63,97 хектари според интегрираната студија од 2012 година, искористување на Блатото во насока на туристичкиот развој на регионот, што само по себе е уште една од екосистемските услуги, а тоа е културолошката.

„Екосистемските услуги, едноставно кажано, се разбираат како економска добивка за општеството од процесите на екосистемите. Во случајот со Студенчишкото Блато тоа се функциите што тоа ги врши како прочистувач на водите, заштитник од поплави, одржувач на биолошката разновидност, мрестилиште на риби, гнездилиште на птици, собирач на јаглероден диоксид, регулатор на микроклимата, место за рекреација. Големината на Блатото ги одредува и неговата функција, квалитетот и отпорноста. Но, ако се изгубат, трошоците за надоместување на овие екосистемски услуги ќе бидат огромни и неподносливи за македонската економија, а некои нема воопшто да може да се надоместат. Сето тоа на најголема штета на Охридското Езеро како природно богатство и доминантен туристички ресурс за Македонија“, соопшти „Охрид СОС“.

Со овој проект локацијата на Студенчишкото Блато е замислена како музеј на отворено, место за интеракција со природата, за истражување на сопственото минато, едукација и јакнење на свеста за виталната важност на зачуваните екосистеми, за нераскинливата врска меѓу квалитетот на нашите животи и здравата животна средина, ново место за рекреација. За валоризација на Блатото како туристички производ, проектот нуди изобилство идеи за уредување на просторот, без негова деградација. Така, Студенчишкото Блато би се развило во туристичка атракција од нов вид, но и проширена со Билјанините Извори и ранохристијанската базилика.

Исто така, проектот нуди и краток акциски план за организирано остварување на понудениот концепт, а понудени се и идеи за почетно финансирање и обезбедување финансиска одржливост на проектот за што се нужни сеопфатна и стручна имплементација и посветеност.

Овој проект е всушност последната од многуте активности на „Охрид СОС“ за спас на Студенчишкото Блато. Сè почна со: „Блатото е срцето на езерото“ како слоган – отпор кон измените на ГУП за Охрид на почетокот на 2015 година, со што се предлагаше подрачјето на Блатото да биде претворено во градежна парцела за елитна населба. Конечно, дури по 2 години континуирани активности и непопустливост од наша страна, пролетта 2017 година оваа идеја беше напуштена. Денес, речиси една година подоцна, Студенчишкото Блато сè уште го чека својот одамна заслужен статус. Воедно, „Охрид СОС“ се насочи и кон забрзување на процесот за номинација на Студенчишкото Блато и Охридското Езеро за воден систем од меѓународна важност според Рамсарската конвенција, на чија листа во сенка (shadow list) односно во статус кво, езерото се наоѓа со децении.

„’Охрид СОС’ активно започна да работи на ова уште во 2016 година, а во ноември 2017 година поднесовме и иницијатива до Националниот рамсарски комитет, Министерството за животна средина и просторно планирање и премиерот со барање за трајна заштита на ова национално природно богатство. Во меѓувреме претставниците на „Охрид СОС“ учествуваа на две последователни конференции на Друштвото на истражувачите на блатните екосистеми, во 2016 и 2017 година, публикуваа еден научен труд, придонесоа и со поглавје за Студенчишкото Блато во книга што IUCN годинава треба да ја објави, а учествуваа со свое излагање и на 41. седница на Комитетот за светско наследство во Краков, Полска, каде што пред светската јавност ги предочија опасностите со кои се соочува регионот, директно посочувајќи на Студенчишкото Блато, и повикаа на активно вклучување од сите страни за негова трајна заштита“, се наведува во соопштението..

Годинава, од 30 април до 4 мај, Охрид ќе биде домаќин на 13. европска конференција на Друштвото на научници од областа на блатните екосистеми, чие остварување исто така го потпомогна „Охрид СОС“, а која во Охрид ќе донесе десетици најеминентни научници од оваа област.

„Затоа, на овој ден на блатните екосистеми неопходно е да се потсетиме дека сите сме повикани и одговорни да преземеме чекори за зачувување, обнова и заштита на урбаните блатни системи. Единствен таков на нашиот брег на Охридското Езеро е Студенчишкото Блато! Да му дозволиме да живее бидејќи со примена на современите технологии, атрактивни промотивни алатки и социјалните медиуми, како и интегрирање на Блатото во осмислено патување низ природата на Охридско-преспанскиот Регион, Студенчишкото Блато може да одигра клучна улога во ребрендирање на Охрид како туристичко место свесно за својата вредност и одговорно кон својата иднина“, информираат активистите од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“.

Спонзорирано: