18.8 C
Скопје
28. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Од 1 февруари Месец на бугарскиот филм во Кинотеката

Месецот на бугарскиот филм ќе започне во Кинотеката на Македонија на 1 февруари, а како што информираат оттаму, поводот за ваквата филмска програма за која влезот ќе биде бесплатен е претседавањето на Бугарија со Советот на Европската Унија во првата половина на 2018 година.

Манифестацијата ќе започне со проекција на бугарскиот филм „Лузери“ во режија на Ивајло Христов, кој воедно и ќе биде присутен на самата проекција. Покрај него, ќе присуствуваат и продуцентот на филмот, Асен Владимиров, и специјалниот гостин од Националната филмотека на Бугарија, филмологот Росен Спасов, кои по завршувањето на проекцијата ќе земат учество во дискусија за филмот под водство на Ивана Смилевска.

Манифестацијата ќе продолжи на 8 февруари со проекција на филмот „Мајмун“ на Димитар Коцев, а на 15 ќе биде прикажан филмот „Слава“ на Кристина Грозева и Петар Валчанов, филм што на сатиричен начин со неорeалистична леснотија дава приказ на современото бугарско општество.

Филмот „Скршнување“ на Гриша Островски и Тодор Стојанов, кандидат за венецискиот „Златен лав“ од 1967 година и еден од позначајните наслови од доцните шеесетти, ќе биде прикажан на 22 февруари, како и петнаесетминутниот рекламен филм за пивото „шуменско“ , најстар зачуван спот за популаризација на еден производ.

Програмата продолжува на 23 февруари со документарниот филм „Мал-голем“, филм за малите групи и нивните мали хитови и големи мечти. На 24 февруари на програмата е филмот „Насоки“, наслов од поновата бугарска продукција, со кој првпат во 30 години Бугарија учествува во програмата „Посебен поглед“ во Кан. Месецот на бугарскиот филм во Кинотеката ќе биде заокружен со филмот „Мисија Лондон“ во режија на Димитар Митовски, кој ќе се прикажува на 25 февруари и е еден од најгледаните бугарски филмови на сите времиња.

Целосната програма е селектирана и реализирана со помош на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и Националната филмотека на Република Бугарија.

Спонзорирано: