3.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Измени на правилата за тргување на Македонската берза

Наместо досега применуваниот период на порамнување од три работни дена (Т+3) од денот на склучување на трансакцијата, според правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје, се воведува период на порамнување од два работни дена (Т+2) од денот на склучување на трансакцијата, одобри Комисијата за хартии од вредност на 130-тата седница со која претседаваше Елизабета Чингаровска.

Со примената на ваков стандарден период на порамнување Т+2, македонскиот пазар на хартии од вредност ја следи праксата на порамнување што важи на европските регулирани пазари.

На овој начин се очекува да се намали потребата од барање на специјален ден на порамнување, да се динамизира тргувањето и да се зголеми ликвидноста на пазарот, да се овозможи побрз тек на парите на инвеститорите и пренос на хартиите од вредност. Исто така, воведувањето на Т+2 е од особена важност за СЕЕ Линк платформата.
Ваквата корекција на правилата за тргување на Македонската берза АД Скопје е во согласност со Законот за хартии од вредност, кој го регулира времето на порамнување на трансакциите и нормира дека порамнувањето може да се врши веднаш, но не подоцна од три работни дена од денот на склучувањето на трансакцијата.
На денешната седница, Комисијата за хартии од вредност обнови една дозвола за работење на инвестициски советник.