11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
КУЛТУРА

Меѓународен ден на сеќавање на холокаустот

Во Министерството за надворешни работи денеска по повод Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот ќе се одржи комеморативна церемонија и ќе биде отворена изложба на тема „Изгубениот свет на сефардските Евреи од Западниот Балкан“.

На настанот најавени се обраќања на министерката за образование и наука, Рената Дескоска, претседателот на Еврејската заедница, Берта Романо-Николиќ, амбасадорите на Обединетото кралство и на Германија, Чарлс Гарет и Томас Герберих, шефот на Мисијата на ОБСЕ, Нина Суомалаинен, и на директорот на органзиацијата „Центропа“ од Виена, Едвард Серота.

Генералното собрание на Обединетите нации пред 12 години одлучи да им се оддава почит на жртвите на холокаустот на 27 јануари, датумот кога пред 68 години престана да функционира нацистичкиот концентарциски логор „Аушвиц“.

Во резолуцијата на Светската организација со која се прогласува Меѓународниот ден на холокаустот, се повикува на почит и спомен на жртвите на холокаустот и на изработка и реализација на образовни програми со цел ваквите настани од историјата никогаш да не се повторат.

На 27 јануари 1945 година Црвената армија на Советскиот Сојуз пристигна во „Аушвиц“. Тие наидоа на неколку илјади други затвореници во кампот, кој беше делумно разурнат од Германците, кои се повлекуваа. Преживеаните и материјалните докази укажуваа на масовните убиства кои се одвивале во „Аушвиц“.

Околу 90 отсто од жртвите во најголемиот концентрациски логор на Третиот Рајх беа Евреи. Холокаустот беше систематски прогон и убивање на Евреите, Ромите, Словените,… спонзориран од нацистичкиот режим во Германија преку спроведување идеологија дека Германците се супериорни, а другите народи се инфериорна раса и нивниот живот не е вреден. Адолф Хитлер го нарекуваше обидот за нивно елиминирање „конечно решение“.

Во „Аушвиц“ и во другите логори на смртта беа развивани посебни техники за убивање, од гасни комори до смртоносни експерименти на луѓе.
Меѓу жртвите на холокаустот беа и 7.200 македонски Евреи. На 11 март 1943 година 98 проценти од Евреите во Македонија се собрани во скопскиот Монопол, најголемиот број од Битола, Штип и Скопје, и испратени во концентарцискиот логор „Треблинка“ каде што се убиени во гасни комори. Според податоците од Еврејската заедница во Македонија, денеска во земјава живеат само околу 200 Евреи.

Во знак на сеќавање на депортираните македонски Евреи, во март 2011 година во Скопје беше отворен Меморијалниот центар на жртвите на холокаустот, кој е еден од четирите такви во светот, покрај центрите во Израел, Германија и во САД.

Спонзорирано: