23.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
фото Pixabay
СВЕТ

Владата на САД остана без буџет

Владата на САД остана без финансирање, откако американскиот Сенат го отфрли новиот краток буџет, кој требаше да обезбеди финансирање на државните институции од 26 јануари до 16 февруари, објави Ројтерс.

Последен пат ова се случи во 2013 година, кога повеќе од 800 илјади државни службеници беа принудени на неплатено отсуство во текот на две недели. Во периодот додека Владата не располага со средства, сите операции и проекти определени како второстепени, ќе бидат привремено прекинати.

Министерството за одбрана на САД соопшти дека без буџет ќе продолжат воените операции во Авганистан и активностите против исламистите во Ирак и Сирија. Целиот мобилизиран персонал, составен од 1,3 милиони луѓе, ќе продолжи да ги извршува своите должности, но цивилниот персонал во помалите операции ќе биде принуден да ја напушти операцијата.

Истовремено, повеќе од илјада вработени во Белата куќа ќе бидат испратени дома, а претседателот ќе може да ги извршува своите уставни должности преку преостанатите 700 вработени. Библиотеката на Конгресот, Националниот архив, како и Меморијалниот центар Линколн ќе ги затворат вратите.

Поради спотивставеност во ставовите меѓу членовите на републиканците и Демократската партија, американскиот буџет во 2018 година не беше усвоен кон крајот на минатата година. Републиканците во буџетот вклучија огромни средства за армијата и одбраната, додека Демократите ставија акцент на програмата за имиграција. На крајот од минатата година, американскиот конгрес успеа да донесе краткорочен буџет за јануари. Претходно оваа недела, републиканците се заложија за нов план во Претставничкиот дом, обезбедувајќи државни средства до 16 февруари, но членовите на Демократската партија го блокираа неговото носење во Сенатот.

Спонзорирано: