11.8 C
Скопје
25. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Uncategorized

Османи очекува Македонија и Албанија да ги зајакнат односите по заедничката седница

По заедничката владина седница очекувам двете земји да ги зајакнат меѓусебните односи и да овозможат услови за поголема размена и економска соработка. Ова го изјави заменик-ретседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамки на посетата на Република Албанија каде што оствари средби со претседателот на Албанија, Илир Мета, претседателот на Собранието, Грамоз Ручи, како и со претседателот на Демократската партија на Албанија, Лулзим Баша.

На средбите беа отворени темите за билатералните односи меѓу двете земји, но и регионалната соработка, особено во рамките на Берлинскиот процес. Беше констатирано дека Македонија и Албанија немаат отворени прашања, што претставува одлична можност за продлабочување на односите и унапредување на економската соработка, која не соодветствува на блискоста на двете земји.

Османи истакна дека во Македонија се изведуваат бројни инфраструктурни проекти, особено на т.н. коридор осум, со чија финализација ќе се овозможи значително подобрување на комуникацијата и размената меѓу двете земји.

На средбите беа отворени и прашањата за европските и регионалните предизвици на земјите од Западен Балкан, при што беше потврдено дека постои напредок во комуникацијата меѓу сите земји и дека не постои алтернатива на евро-атланската перспектива на целиот регион.

„Имаме историска шанса да им овозможиме на народите на Балканот вистинска интеграција и приклучок кон цивилизациските текови на Европа која не смееме да ја пропуштиме“, истакна Османи.

Претходно Османи оствари средба и со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, каде што беа разменети мислења околу европските интеграции на двете земји, како и поддршката од страна на Албанија за членство на Македонија во НАТО.

Посетата на Тирана е дел од мини балканската турнеја која вицепремиерот Османи ја почна со посетата на Атина на почетокот на месецов и ќе продолжи со посета на Белград, а потоа и на Софија.

Спонзорирано: