9.8 C
Скопје
23. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

СДСМ: Договорот со Бугарија во согласност со државните интереси на Македонија

Договорот со Бугарија е во согласност со националните и државните интереси на Република Македонија, а ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политиките на поделби и изолација, реагира СДСМ по прес-конференцијата на Дејан Данев од опозицијата.

„Со кукавичката прес-конференција, ВМРО-ДПМНЕ денеска покажа дека е против добрососедски односи, против интеграција и против зајакнување на регионалната и меѓународната позиција на Република Македонија. Впрочем, да имаше какви било аргументи, ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствуваше на собраниската седница и ќе ги бранеше, наместо да промовира изолација“, велат од СДСМ.

Преку соопштение, владејачката партија оценува дека договорот за добрососедство и пријателство меѓу Македонија и Бугарија што денеска беше ратификуван во Собранието затвора долгогодишно отворено прашање и е во интерес на двете држави, на нивните граѓаните и е целосно во согласност со националните и државни интереси на Република Македонија.

„Договорот е основа за пријателство на двете држави, а неговото потпишување е заеднички успех на сите досегашни влади и на сите граѓани. Целиот демократски свет го поздрави договорот како значаен исчекор кон евро-атлантските интеграции и зајакнувањето на регионалната и меѓународна позиција на Македонија“, велат од СДСМ.

Владејачката партија додаде дека наместо да создава поделби и конфликти, ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред граѓаните, пред интересите на државата и активно да се вклучи во процесот на реформи што обезбедува решавање на отворените прашања, добрососедските односи и целосна интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.

Спонзорирано: